КОЊАНОВСКИ СО ШАМПИОНОТ РУСТЕМОВСКИ НА СРЕДБА НА ЛОКАЦИЈАТА КАДЕ ШТО СЕ ГРАДИ БОКСЕРСКАТА САЛА
Ален Рустемовски, боксерот на клубот „Пелистерски јунак“ и македонски репрезентативец, кој настапи во категоријата до 60 килограми и беше победник на традиционалниот меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“, кој по 54-ти пат се одржа во Скопје, денеска имаше средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на локацијата каде што се гради боксерската сала.
Рустeмовски, кој беше со свои колеги боксери и тренерот на клубот во разговор со градоначалникот кажа дека стигнал до трофејот по извонредната борба и техничка супериорност во рингот на дуелот со Англичанецот Џозеф Тарнер.
Тој вели дека оваа година ја завршува со голема гордост, искуство и вера во себе.
„Година полна со борби, победи, падови и лекции. Злато и пехар за најдобар боксер во Молдавија (3 меча – 3 победи), злато на домашниот меѓународен турнир „Мирослав Петровиќ“, пехар за најдобар техничар, државен првак на Македонија, Балкански шампион, Вице-европски шампион (U23) – сребро на ЕП во Ерменија, злато и освоен Златниот гонг – еден од најстарите турнири во Европа, Учество на Светското првенство во Дубаи, со победа во 1/16 финале. Оваа година е најуспешната во мојата кариера досега.
А, сепак… јас лично се чувствувам како да не сум направил доволно. Затоа што знам дека вистинските успеси допрва доаѓаат“ вели Рустрмовски.
Тој го информираше градоначалникот дека пред него е тешка и напорна 2026 година, која ја започнува на еден од најсилните и најстарите турнири во светот – „STRANDJA“,
во Софија, Бугарија, од 20 февруари до 1 март, потоа Медитерански игри во Италија јули - август, во септември европско првенство и турнир за норма кој ќе биде во октомври-ноември во Англија.
Градоначалникот Коњановски му честиташе за сите успеси истакнувајќи дека верува дека тој и натаму со големи успеси достојно ќе ја претставува Битола, а дека оваа сала која е во изгредба ќе биде модерен објект каде тој и сите кои се занимаваат со бокс во одлични услови ќе можат да тренираат.
Општината ќе му даде поддршка за претстојните натпревари, со цел да обезбеди пласман на олимпијадата во 2028 година.