
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Основниот суд од Битола даде писмено соопштение за случајот со бизнисменот Борче Марковски, гаранцијата која ја дал сопственикот на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија,за да биде пуштен од притвор.
Соопштението ви го пренесуваме во целост
По повод објавите во електронските медиуми за работењето на Основниот суд Битола, во врска со донесените решенија со кои се определи мерки за обезбедување на присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, (определување на мерка притвор и мерка куќен притвор, определување на гаранции, укинавање на мерката притвор и мерката куќен притвор и определување на мерки на претпазливост), како и по однос на поднесениот обвинителен акт, а заради доследно почитување на принципот на јавност и транспарентност, Основниот суд Битола, го дава следното:
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
До Основниот суд Битола поднесен е обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Битола КО.бр.619/25 од 30.12.2025 година, против 9 (девет) лица, од кои 8 (осум) се физички лица и 1 (едно) е правно лице. Обвинителниот акт во Основниот суд во Битола е поднесен на 02.01.2026 година.
Со обвинителниот акт под точка I се обвинуваат 5 (пет) физички лица како соизвршители за продолжило кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1, во врска со член 22 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Под точка II се обвинуваат 3 (три) физички лица за по едно продолжено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275 – в став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик и за 1 (едно) правно лице за кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275 – в став 4 од Кривичниот законик.
Под точка IV (како што е наведено во обвинителниот акт) се обвинуваат 2 (две) физички лица како соизвршители за продолжено кривично дело „Измама во службата“ од член 355 став 3 во врска со став 1 во врска со член 22 и во врска со член 45 од Кривичниот законик и против 1 (едно) физичко лице за кривично дело „Измама во службата“ од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Со обвинението осомничените се теретат дека незаконито заради незавршени работи, на осомниченото правно лице му била исплатена имотна корист во вкупен износ од 106.200.000,00 денари, од кои 90.000.000,00 денари, претставуваат надомест за вршење на договорни услуги, а 16.200.000,00 денари, претставуваат износ на ДДВ по стапка од 18%.
Кривичната постапка против обвинетите е во фаза од Глава XXII Оддел Б.Обвинување – Обвинителен акт и оцена на обвинителниот акт од Законот за кривичната постапка.
Во текот на истрагата Основното јавно обвинителство Битола и покрај тоа што истрагата се водеше против сите 9 (девет) лица, сепак од страна на Основното јавно обвинителство Битола до судиите на претходна постапка на Основниот суд Битола, само против 2 (две) физички лица и 1 (едно) правно лице, се поднесени следните предлози и барања и тоа:
1. Предлог за определување на мерка притвор против 2 (две) физички лица КО.бр.619/25 од 09.10.2025 година, по кој предлог од страна на судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола, се донесени две посебни решенија за определување на мерка куќен притвор против 2 (две) физички лица. Против донесените решенија од страна на Основното јавно обвинителство Битола се поднесени жалби. Кривичниот совет при Основниот суд Битола донесе едно решение со кое жалбата на основниот јавен обвинител ја уважи и решението на судијата на претходна постапка во делот од став I од изреката на решението го преиначи и на 1 (едно) физичко лице наместо мерка куќен притвор му определи мерка притвор во траење од 30 дена, а согласно со основот определен од член 165 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка. Таквото решение е потврдено со решение на Апелациониот суд Битола. Донесе и друго решение со кое жалбата на основниот јавен обвинител ја одби како неоснована и решението на судијата за претходна постапка со која на 1 (едно) физичко лице му е определена мерка куќен притвор ја потврди. Со истоте решение и жалбата на бранителот е одбиена како неоснована.
2. Барање за определување на привремена мерка заради обезбедување – замрзнување на парични средства и забрана за оттуѓување, располагање, оптоварување и давање под закуп на моторни возила, спрема 1 (едно) физичко лице и спрема 1 (едно) правно лица, КО.бр.619/25 од 14.10.2025 година. Судијата на претходна постапка од Основниот суд Битола донесе решение со кое спрема осомниченото правно лице и спрема осомниченото физичко лице определи привремена мерка заради обезбедување на имот – замрзнување на парични средства и забрана за располагање со финансиските средства во износ од 4.073.643,00 денари и 572,97 евра, финансиските средства кои се наоѓат на сметките на осомниченото правно лице во износ од 2.813.636,00 денари, забрана за отуѓување, располагање, оптоварување и давање под закуп на моторни возила и забрана за отуѓување, оптоварување и располагање со недвижен имот.
3. Предлог за определување на мерки на претпазливост спрема физичкото лице за кое што беше определена мерка куќен притвор и тоа: привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, како и забрана за преминување на државна граница со лична карта.
По предлози на Основното јавно обвинителство Битола КО.бр.619/25 од 05.11.2025 година, кривичниот совет при Основниот суд Битола со решение спрема едниот осомничен беше продолжена мерката притвор за уште 30 дена и со решение спрема едниот осомничен беше продолжена мерката куќен притвор за уште 30 дена.
По предлози на Основното јавно обвинителство Битола КО.бр.619/25 од 05.12.2025 година, кривичниот совет при Основниот суд Битола со решение спрема едниот осомничен беше продолжена мерката притвор за уште 30 дена и со решение спрема едниот осомничен беше продолжена мерката куќен притвор за уште 30 дена.
На ден 05.11.2025 година, до Основниот суд Битола од страна на бранителот на осомничениот за којшто беше определена мерка куќен притвор, беше поднесен предлог за определување на гаранција во износ од 169.286 евра - во недвижен имот и укинување на мерката притвор и укинување на мерките за претпазливост. Основното јавно обвинителство Битола достави меслење КО.бр.619/25 од 24.11.2025 година, примено во Основниот суд Битола на 01.12.2025 година, со кое се произнесе дека доколку судот оцени дека не се исполнети претпоставките, да донесе одлука со која нема да ја прифати гаранцијата или ако се исполенти тие претпоставки да донесе одлука со која ќе се прифати гаранцијата . Судијата на претходна постапка повторно со допис од 01.12.2025 година, се обрати до Основното јавно обвинителство Битола, да даде конкретно мислење во врска со понудената гаранција, односно да достави мислење дали истата треба да се прифати или не. Основното јавно обвинителство Битола со допис од КО.бр.619/25 од 10.12.2025 година, примено во судот на 11.12.2025 година, достави мислење дека не би се противеле на прифаќањето на предлогот за гаранција во износ од 169.286 евра - во недвижен имот, односно даваат согласност за прифаќање на гаранцијата. Судијата на претходна постапка донесе решение со кое го прифати предлогот за определување на гаранција во износ од 169.286 евра - во недвижен имот, мерката куќен притвор ја укина и предлогот за укинување на мерките на претпазливост го одби како неоснован. Против ваквото решение ниту Основното јавно обвинителство Битола, ниту пак бранителот изјавиле жалба, односно странките во постапката не поднеле жалби.
На ден 24.10.2025 година, дополнет на 27.10.2025 година, од страна на бранителот на осомничениот за којшто беше определена мерка притвор, поднесен е предлог за определување на гаранција во износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра – во недвижен и подвижен имот. Основното јавно обвинителство Битола достави меслење КО.бр.619/25 од 06.11.2025 година, примено во Основниот суд Битола на 06.11.2025 година, во кое предложи барањето на осомничениот за кој што беше определена мерка притвор, поднесено преку неговиот бранител да не биде прифатено. Судијата на претходна постапка донесе решение со кое предлогот на осомничениот поднесено преку неговиот бранител за укинување на мерката притвор и определување на гаранција, како и мерка за обезбедување на присуство на осомничениот го одби како неосновано. Против ваквото решение жалба изјави бранителот на осомничениот. Кривичниот совет по прибавување на сите списи и докази важни за одлучување по изјавената жалба на ден 16.01.2026 година, одржа нејавна седница во присуство на јавниот обвинител, осомничениот и неговите бранители и донесе решение со кое жалбата ја уважи, решението на судијата на претходна постапка се преиначи на начин што: Предлогот на осомничениот за определување на гаранција во износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра – во недвижен и подвижен имот – го усвои, мерката притвор ја укина и определи мерки на претпазливост и тоа: привремено одземање на патна исправа, како и забрана за издавање на нова патна исправа и обврска на осомничениот да се јавува еднаш неделно секоја работна среда во месецот најдоцна до 12,00 часот кај определено лице во Основниот суд Битола. После впишувањето на заложните права - хипотеката на недвижните имоти во Агенцијата за катарстар на недвижност на РС Македонија – Одделение за катастар на наедвижности Битола, како и заложниот регистар и воспоставување на залог над подвижните имоти во Централниот регистар на РС Македонија, осомничениот беше пуштен од притвор.
Кривичниот сове пред да го донесе решението списите на предметот ги упати во Апелациониот суд Битола, да одлучуваат по однос на изјавената жалба, кој со допис го врати со оглед на тоа да во овој случај не можат да се применат одредбите од член 155 од Законот за кривичната постапка, односно дека кривичниот совет има функционална надлежност за одлучување по однос на изјавената жалба.
Во интерес на јавното мислење напоменуваме дека со обвинението осомниченото физичко лице се терети дека незаконито заради незавршени работи, на осомниченото правно лице му била исплатена имотна корист во вкупен износ од 106.200.000,00 денари, од кои 90.000.000,00 денари, претставуваат надомест за вршење на договорни услуги, а 16.200.000,00 денари, претставуваат износ на ДДВ по стапка од 18%.
Со привремените мерки замрзнати му се парични средства од 4.073.643,00 денари и 572,97 Евра, како и финансиските средства кои се наоѓат на сметките на осомниченото правно лице во износ од 2.813.636,00 денари. Гаранцијата е определена на износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра, што значи дека гаранцијата е скоро три пати повисока од евентуалната имотна корист, а и му се замрзнати финасиски средства. Крајно од страна на Основнот јавно обвинителство Битола дадено е позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата во износ од 169.286 евра - во недвижен имот, за едниот осомничен. Друго е прашањето и зошто од 9 (девет) обвинети, во текот на истражната постапка само за двајца е предложена мерка притвор од страна на Основното јавно обвинителство Битола.
Со почит Основен суд Битола.
