
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денешниот ден е историски за битолската атлетика и АК Олимп. Клубот се ребрендира и ја доведе скоро цела македонската репрезентација во своите редови, јасно наметнувајќи ја улогата на лидер на атлетскиот спорт во земјата.
АК Олимп е основан во 1960 година и претставува еден од најстарите и најтрофејни атлетски клубови во Македонија. Во текот на својата историја, особено во периодот на поранешна Југославија, клубот континуирано настапувал на сојузни и републички првенства, изнедрил атлетичари со врвни резултати и медали, со запишани рекорди кои ја менувале спортската историја и бил препознаен како силна база за развој на атлетски кадар.

АК Олимп отсекогаш бил повеќе од клуб. Бил место каде што се градела дисциплина,
• каде што спортот бил систем, не случајност и каде што резултатите биле последица на континуирана работа.
Денешното ребрендирање и трансфер-политиката не се раскин со историјата,
туку логично продолжение на традиција на амбиција и шампионски менталитет. Атлетскиот клуб Олимп денес испраќа јасна порака: Битола не е периферија на македонската атлетика - Битола станува нејзин центар. Клубот потпиша договори со петнаесет атлетски имиња, сите репрезентативци и перспектива на клубот и земјата.
Нови членови на АК Олимп се:
Адријана Поп Арсова
Ирма Хајдари
Марина Домазетовска
Ана Шикоска
Димитар Петровски
Леонид Вандевски
Бојан Чаприќ
Григоријан Никовски
Максим Пауер
Никола Десковски
Блаже Игњатовски
Андреј Андовски
Игор Стојановски
Насе Епов
Матеа Матеска
Теа Божиновска
АК Олимп, клуб со традиција од 1960 година, од денес влегува во нова фаза –
фаза на сериозни амбиции, национален фокус и јасна цел: да бидеме лидер во македонската атлетика.
Претседателот на клубот, Никола Димитровски, го претстави проектот кој ќе ја промени иднината на клубот.
„Со трансферите што ќе ги чуете денес, со тренерскиот кадар и со поддршката што ја имаме од градот, Олимп гради најсилна постава што клубот некогаш ја имал. И ова не е само краткорочен потег. Ова е нова историја“, рече Димитровски.

Тренер на новиот бран атлетичари ќе биде Димитар Петровски, битолчанец кој живее и работи во Скопје. Тој објасни како дошло до идејата и реализацијата.
„Од еден дамнешен разговор со претседателот Димитровски, дојдовме до реална можност за реализација на овој проект. АК Олимп денес е најорганизиран клуб во земјата и заслужува да ја има во своите редови скоро комплетната репрезенатција. Тука имаме атлетичари со меѓународно реноме како Поп Арсова, државни шампиони, млади таленти и верувам дека овој тим е комплетен. Ветуваме многу работа и достојно ќе ги браниме боите на овој историски клуб“, рече Петровски.
Сонот за Битола - спортски град веќе е реалност. Градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на советот, Бојан Бојковски, дадоа безрезервна поддршка за новиот почеток на АК Олимп.
„Битола отсекогаш знаела да препознае кога нешто е сериозно. Денес гледаме сериозен клуб, сериозна визија и сериозен тим. Сакам јавно да потврдам:
проектот за изградба на тартан патека на градскиот стадион е одобрен. Ова не е никаква најава – ова е процес што веќе започнува. Со тоа, Битола не само што ќе го поддржи АК Олимп, туку ќе испрати порака дека сака да биде град на спорт, резултати и млади таленти“, рече градоначалникот Коњановски.

Бојковски вети дека атлетичарите ќе бидат следени, подржувани и мотивирани.
„Како и сите наши спортисти, така и атлетичарите ќе добијат максимална поддршка за развој и постигнување на врвни резултати. Ние ќе знаеме да ги препознаеме нивните постигнувања и значајот на овој проект за градот и младите генерации. Честитки за оствареното и многу успех во иднина“, рече претседателот на советот на Општина Битола.
Клубот, кој произведе легендарни имиња и рекордери како Вера Вељановски, Стевче Ѓорѓиевски и Демир Даутовски, веднаш се зафати за работа и прв тренинг во градскиот парк во Битола. Овој нов почеток за АК Олимп веројатно ќе ја смени иднината и ќе ја зацврсти Битола како лидер во спортот кој се нарекува - кралица на спортовите.
