
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во текот на 2025 година, 1.975 државјани на Македонија стекнале бугарско државјанство, покажува официјалниот извештај на Администрацијата на претседателот на Република Бугарија за работата на Комисијата за бугарско државјанство. Оваа бројка ја позиционира Македонија меѓу државите со најголем број лица кои добиле бугарско државјанство во текот на годината, веднаш по Украина и Турција.
Според извештајот, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година бугарските власти донеле 263 укази за промени во државјанството, со кои биле опфатени вкупно 15.796 лица. Од нив, најголемиот дел стекнале државјанство по основ на бугарско потекло, бугарски родител или преку натурализација. Во таа рамка, 1.975 лица од Северна Македонија добиле бугарско државјанство, што претставува значителен удел во вкупната бројка на нови бугарски државјани. Според Законот за бугарско државјанство, најчест основ за добивање државјанство е бугарско потекло, како и случаи каде еден од родителите е бугарски државјанин. Дел од апликациите се однесуваат и на натурализација по подолг престој, брак или други законски основи. Во извештајот не се наведува поединечна распределба по основ за секоја држава, но се посочува дека бугарското потекло останува доминантен критериум кај апликантите од регионот на Западен Балкан.
Прашањето за бугарското државјанство е особено чувствително во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, каде теми како историја, идентитет и јазик имаат силна политичка и општествена тежина. Податоците од извештајот покажуваат дека интересот за бугарски пасош кај граѓаните на Северна Македонија и понатаму останува висок.
Извор Независен
