
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поранешна директорка на „Завод и Музеј“ Битола, додека директирувала со институцијата од јануари 2018 до септември 2024 година, сама се унапредила од виш-кустос во кустос-советник. Ова е можеби еден од ретките осомничени случаи кога државен функционер за време на директорување сам се унапредува на работното место кои е ставено во мирување. Она што сега го утврдува ОЈО Битола е дали осомничената М.С. на возраст од 53 години, имала законски основ додека директорува и додека нејзиното работно место како виш-кустос мирува, да се самоунапреди. Спорно е и како без одобрение од Министерство за финансии самоунапредената екс директорка добива повисок коефициент на плата како советник-кустос.
„АПЛА“ испрати прашања до екс директорката и до овој момент не доби одговори во врска со случајот.
За оваа постапка на екс директорката прв алармирал Зоран Николовски откако ја наследил директорската позиција на „Завод и Музеј“ Битола, по осомничената екс директорка. Но, иако Николовски за самоунапредувањето на М.С информирал, како што вели три министерства, попусто, ситуацијата до денес е статус кво. „Завод и Музеј“ Битола од лани има нова директорка Маргарета Спасов, која доаѓа по Николовски, но осомничената поранешна директорка и натаму е советник-кустос и зема повисока плата.
Оваа „идеја“ за самоунапредување екс директорката ја реализирала во време на корона кризата, во септември 2020 година.
Осомничената беше кадар на СДСМ и со „Завод и Музеј“ Битола стана директорка од редот на вработените како етнолог виш-кустос. Откако ја разрешија во септември 2024 година, се врати на работа унапредна на позицијата советник-кустос.
„АПЛА“ дојде до Решението за распределување на работното место на екс директорката (архивирано на 14 септември 2020 година), кое таа сама си го потпишала како директор:
„Работникот (стои име и презиме на екс директорката) се распределува на работно место...кустос-советник... при НУ „Завод и Музеј“ Битола...на неопределено време со полно работно време...сметано од 01.07.2020 година. Ова решение стапува на сила на денот на донесувањето.“
Во образложението на решението меѓудругото стои дека на крајот на декември 2019 година е склучен Колективен договор за културата и дека директорот на „Завод и Музеј“ Битола, по спроведената функционална анализа до Управниот одбор го доставил на разгледување Правилникот на систематизација на работните места од септември 2020 година.
Во решението стои дека и Управниот одбор дал согласност на одлуката и плус две министерства.
„Управниот одбор го разгледа актот и даде согласност на истиот. За наведениот акт согласност е добиена и од Министерството за информатичко општетство и администрација и од Министерството за култура.“
Во решението е наведено дека -„Директорот на „Завод и Музеј“ Битола одлучи како во диспозитивот на наведеното решение, а по потреба на установата, при тоа определувајќи го основот за определување и пресметување на плата согласно со донесениот правилник со кој е определено работното место на конкретниот работник во рамките на истото ниво, во согласнот со потребите на реорганизација, како и потребите за подобро користење на капацитетите и работните способности на работникот...“, и дадена е правна поука, ако работникот (во случајот осомничената) не е задоволна од решението што сама си го потпишала има право на приговор до Управниот одбор.

Пет години по носењето на решението, СВР Битола почна истрага и лани во ноември излезе со кривична пријава за екс директорката М.С. која се сомничи за „несовесно работење во службата“.
„Пријавената, во својство на директор на Национална установа „Завод и Музеј“ Битола, спротивно на одредбите од Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работни односи, несовесно постапила во вршењето на своите овластувања и должности на тој начин што извршила промена на Актот за систематизација на работните места, со што го укинала нејзиното работно место виш-кустос и за себе отворила ново работно место кустос-советник, кое што е едно ниво повисоко од претходното“, соопшти полицијата.
Од ОЈО Битола за „АПЛА“ потврдија дека работат на случајот со сослушување на сведоци.
„Во тек е предистражна постапка, се испитуваат лица и се преземаат други дејствија по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, соопштија од ОЈО Битола за медиумот.
Зоран Николовски, поранешен директор на „Завод и Музеј“ Битола кој во 2024 година дојде на функција по разрешувањето на М.С., во изјава за „АПЛА“ вели дека од колегите разбрал на самоунапредувањето и веднаш реагирал до институциите.
„Не знаев дека поранешната директорка се самоунапредела, дознав по допрен глас од колегите. Кога јас дојдов на функција таа земаше плата како советник-кустос. Факт е дека со решението што го потпишала таа го укинала работното место виш-кустос и се назначила за советник-кустос. Веднаш пријавив до Министерство за култура ми вратија дека се ненадлежни за случајот, Министерството за финансии воопшто не ми одговори, додека Министерството за информатичко општетство и администрација ми побара нова функционална анализа и систематизација. За тоа беше потребно време од неколку месеци, се зафатив со работа со обезбедување на документи и докази, но за нецела година ме сменија од функција, не ми го продолжија мандатот,“ ни изјави Николовски.
Актуелната директорка на „Завод и Музеј“ Битола, Маргарета Спасов во телефонски разговор за „АПЛА“ вети одговор за случајот, но се предомисли и го упати медиумот кај правниот застапник на институцијата.
„Точно е дека поранешната директорка за време на своето директорување од тогашниот министер за култура доби назив кустос-советник. Претходно имала понизок ранг виш-кустос. Го добива новото звање и веднаш го отвора во систематизација тоа работно место, но не се префрла бидејќи нормално е директор. По доаѓањето на новиот ве-де директор Зоран Николовски тој ја распоредува екс директорката согласно актот на систематизација на повисоко звање, дадено од министерот за култура“, потврдува правниот застапник и наведува дека во случајот –„се јавува законска пречка, за да и' се одобри платата требало три министерства да дадат ‘зелено’ светло: Министерството за култура, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество.“
Но, одобрение од Министерството за финансии нема ни ден денес.
„Ве-де директорот Николовски се јавува во две министерства, за култура и за информатичко општество, со исклучок на Министерството за финансии. Направи пропуст, не се обрати до финансии и токму во таа насока направен е инспекциски надзор во установата од надлежниот инспекторат и дадени се напатствија да го отстрани овој проблем. Односно „Завод и Музеј“ Битола да се обрати до Министерство за финансии за да се одобрат средства за кои веќе поранешната директорка зема плата,“ вели правниот застапник и накрај додава –„Во оваа насока установата се обрати до Министерство за финансии – дали се одобрени средства или не, со што ние како установа би ја вратиле од советник-кустос на виш-кустос. Нормално ако ја вратиме на старото работно место со тоа ќе и се намали и платата,“ вели правниот застапник, отворајќи го прашањето дали можеби во тој случај институцијата „Завод и Музеј“ Битола ќе се доведе до ситуација да биде тужена од екс директорката?
По сето ова очигледно е дека „Завод и Музеј“ Битола се наоѓа во правен лавиринт поради спорното решение за самоунапредување на претходната директорка додека работното место и мирувало, документ кој требало да се донесе по претходно добиена согласност од Министерство за финансии. Спротиставените изјави ја покажуваат несигурноста околу процедурите и одговорностите во овој случај. Во ситуација кога нема согласност од Министерството за финансии и не е јасно кој формално има ингеренции за поништување на документот – случајот тапка во место додека се чека одлука на ОЈО Битола.
Текст и фото Анета Блажевска
