ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕ ОД БИТОЛА СЛАВИ ПАТРОНАТ! Со свечена програма исполнета со креативност, Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ Битола денес го одбележа својот патрон празник. Чествувањето започна со достоинствено оддавање почит и полагање свежо цвеќе пред споменикот на големиот револуционер Јане Сандански, од страна на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и директорката на училиштето, Биљана Јанкуловска. 
Свечениот дел од програмата беше отворен со моќниот настап на училишниот хор, кој ја внесе публиката во празничната атмосфера. Програмата продолжи со вокалните изведби на талентираните ученички под менторство на професорот Марко Тепчевски, кој беше задолжен за музичкиот сегмент на манифестацијата. Веднаш потоа, сцената ја преплави енергијата на учениците кои преку своите танцови точки внесоа динамика и младешки дух во прославата. Кулминацијата на свечениот дел беше изведбата на впечатливата драматизација со наслов „Нишки на тишината“, подготвена под менторство на професорката Христина Зариевска. Преку оваа сцена, учениците на уникатен начин ги оживеаја ликовите и зборовите на великаните на македонската книжевност – Миладинов, Рацин, Шопов, Конески и Андреевски.
Во своето празнично обраќање, директорката Биљана Јанкуловска ја истакна посветеноста на училиштето кон градењето на комплетни личности, порачувајќи:
„Правиме сѐ и посветени сме нашите ученици да ги научиме да гледаат на образованието со стратешко размислување, креативност и трудољубовост во постигнувањето на сопствените цели. Да станат активни и корисни граѓани на заедницата. Со знаењето што го стекнуваат тука, тие се подготвени да го променат светот и да се изборат нивните можности да значат реализација на нивните соништа. Во време кога светот се менува побрзо од било кога, едно е сигурно – стручното образование не е алтернатива, туку предност!“

Празнувањето продолжи во училишните простории каде што своја активна улога имаа и училишните тела. Со свои штандови се претставија Младинската организација и Кариерниот центар на училиштето, каде учениците и посетителите можеа да се запознаат со воннаставните активности и можностите за професионален развој. Денот беше исполнет и со генерациски натпревари и презентации на Ученичките компании, со што уште еднаш се потврди дека СОЕУ „Јане Сандански“ е место каде што се негуваат традиционалните вредности, но истовремено се создаваат лидерите на иднината.
"Нека е честит и вековит патрониот празник!, порача Јанкуловска
