2win800x200

На Педагошкиот факултет во Битола имало греење според „утврдени правила“ зависни од атмосферата, студенти велат само 2 часа претпладне

Април 23, 2026
Педагошки факултет Педагошки факултет

„На Педагошкиот факултет - Битола, за време на грејната сезона и преодните периоди, има греење секој работен ден, според утврдени правила што зависат од атмосферските услови и надворешните температури.“

Ова е одговорот од Педагошкиот факултет - Битола на прашање на АПЛА, зошто нема настава во грејна сезона и предавањата се одржуваат онлајн како што сведочат студенти. Особено што според наши информации, години наназад е истата ситуацијата и дека само оваа зима имало греење околу 2 часа, претпладне. 

Декан на Педагошкиот факултет - Битола е проф. д-р Данче Сивакова - Нешковски. 

Темата околку греењето на предавалните на факултетот се наметна повторно пред десетина дена, откако студентот Александар Николовски на прес-конфренција во Владата, каде тема беше Предлог-законот за високо образование, а говори држеа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и беа присутни шест ректори на универзитети во земјава, студентот изјави дека на Педагошкиот факултет во Битола нема настава во зима бидејќи нема парно.

Без да одговорат конкретно на прашањето дали студентите имале затоплување од само два часа денот во грејна сезона, од Педагошкиот факултет во Битола велат дека за „одредени“ активности пуштале греење и по цел ден и за време на викенди.

„Наставата се одвива и во зимскиот и во летниот семестар, постојано, а се организира во согласност со акредитираните студиски програми, утврдениот академски календар и законските прописи. Факултетот непречено ја извршува својата дејност и обезбедува услови за реализација на наставните, научноистражувачките и административните активности, во рамките на расположливите ресурси и важечките стандарди. На Педагошкиот факултет – Битола, за време на грејната сезона и преодните периоди, има греење секој работен ден, според утврдени правила што зависат од атмосферските услови и надворешните температури. По потреба, заради одредени активности, како меѓународни конференции, работа на проекти и сл., има греење преку целиот ден и во деновите за викенд, според агендите на настаните.“

На прашањето на АПЛА -Колку средства има на располагање Педагошкиот факултет, од кои извори се финансиите за набавка на нафта и колку се набавува и се троши нафта во просек месечно. Колку средства издвојуваат на месечно ниво за загревање на просториите, од факултетот повторно без детали со потврда дека  финасиите и исплатата за набавка на екстра лесно масло се обезбедени од МОН.

„Педагошкиот факултет –Битола располага со финансиски средства, во согласност со важечката регулатива, кои се планираат и реализираат во рамките на годишниот финансиски план.“

Во едни вакви услови кога нема констинуирано греење преку денот, во грејна сезона, се наметна и прашањето дали професорите на Педагошкиот факултет во изминатиот период оделе на работа или и тие работат од дома?

„Својот работен ангажман, професорите го реализираат во согласност со законските акти“, велат од Педагошки.

Ако професорите оделе на работа, тогаш на кој начин се затоплуваат кабинетите на професорите и стручната служба и колку факултетот троши на месечно ниво, во грејна сезона, за потрошена електрична енергија?

Студенти сведочат дека во кабинетите на професорите најчесто има грејни тела на струја (некогаш повеќе од едно), а некаде и клима уреди.  

Од Педгошкиот факултет одговараат дека кабинетите на професорите и стручната служба се затоплуваат како и сите други простории во Факултетот.

„За време на грејната сезона, потрошувачката на електрична енергија варира, во зависност од температурите и сончевите денови и од производството на електричната енергија преку фотоволтаичната централа од 20 kw. Со тоа, се обезбедува континуитет во извршувањето на работните обврски и одржувањето на функционални услови за работа. Исто така, средствата се обезбедени и исплатени од Министерството за образование и наука. Факултетот постојано ги следи трошоците за енергенси и презема мерки за рационално користење на ресурсите, во насока на обезбедување одржливо и ефикасно функционирање“, стои во одговорите од Педагошки факултет - Битола.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани