
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Реконструкцијата и ревитализацијата на објектот познат како „Алхамбра“ на Широк сокак во Битола не отстапува од проектот, велат од Управата за заштита на културното наследство на Македонија за „АПЛА“. Ова подразбира дека и лифтовската куќарка која се издигна над објектот за која реагираат битолчани не отстапува од проектната документација.
Според информацијата од Управата, последниот конзерваторски надзор врз објектот бил извршен пред два месеци, во февруари.
Познатата „Алхамбра“ е објект со режим на заштита од втора категорија. Во тек се градежни работи на објектот, а она на што реагираат битолчани е доградбата на покривот, особено каде се изведува куќарката за лифт.
Прашањето на битолчани е дали ваков објект заштитен со закон може да го менува ликот, односно дали треба да ја зачува автентичноста или да се менува и модернизира?
Деновиве на очиглед на минувачите е дека градежните работи се интензивни, а на покривот се прават промени, за кои битолчани бараат одговори.
Од Управата за заштита на културното наследство појаснуваат дека за објектот на ул „Широк Сокак“ (бр 26 КП 9014 КО Битола 3) на барателот сопственикот „Арини Фешн“ Прилеп издадено му е Конзерваторско одобрение во 2021 година. Инвеститорот во септември месец ја известил Управата за заштита на културното наседство дека започнува со работа на реконструкција на објектот. Од страна на НУ Завод и Музеј Битола за конзерваторски надзор назначен е Зоран Алтипармаков советник – конзерватор во НУ Завод и Музеј Битола.
„На ден 25.2.2026 од страна на инспекцискиот надзор при Управата за заштита на културното наследство е излезено на увид во врска со конзерваторското одобрение и е констатирано дека работите се изведуваат согласно проектната документација. Доколку се констатирани отстапувања од проектната документација конзерваторскиот надзор е должен да ги пријави до Управата за затита на културното наследство и во таков случај секое постапување спротивно на издаденото конзерваторско одобрение се санкционира како прекршок. До сега не е доставена пријава од конзерваторскиот надзор за отстапување од проектната документација“, потврдува во информацијата за „АПЛА“ Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство на Македонија.
Според Честоева првична контрола ревизија врши комисија од НУ Завод и Музеј Битола и појаснува што претставува реконструцијата, а што ревитализацијата на објектот.
„Реконструкција е враќање на објектот во неговата првобитна состојба каков што бил, значи се гради каков што бил, а ревитализација е да се врати не само физички туку и функционално, да се прилагоди за нова намена, но да се зачува неговата вредност“, стои во одговорот од директорката.
„Алхамбра“ еден од највпечатливите архитектонски бисери на Широк сокак во Битола, сместен на впечатлива позиција на Плоштадот „Магнолија“.

Битолската градежна фирма „Стентон Градба“ од Долно Оризари, битолско која според информативната табла е изведувач на реконструкцијата деновиве по објавата на „АПЛА“ на Фејсбук објави фотографии од внатрешноста на објектот и градежните зафати.
„Со посветен пристап, професионалност и почит кон архитектонското наследство, работиме на обновување на едно од највпечатливите обележја на Битола. Реконструкцијата на ‘Алхамбра’ претставува повеќе од градежен зафат - таа е вложување во зачувување на културната меморија, автентичноста и препознатливиот дух на градот“, објави изведувачот.
На самиот објект има поставено табла на која пишува дека инвеститор е Снежа Стојаноска, проектант е фирмата „ФОРМИ“ Дооел Битола, надзорен објект „СТОЛБ“ Дооел Битола, а конзерваторски надзор НУ Завод и Музеј Битола.
Претходно информиравме дека според Зоран Алтипармаков кој е конзерваторски надзор на изведбата дека –„Внатрешното лифтовско јадро е дозволено. Претходно немало лифт, но сега со проектот е дозволено внатрешниот лифт да се изведе во рамките на реконструкција и ревитализација на објектот. Изведбата е по режим што важи за заштитено јадро“, изјави Алтипармаков.
„Алхамбра“ е архитектонски бисер од 19-ти век, со фасада која го рефлектира духот на неокласицизмот - стил во кој често се среќаваат симетрија, високи прозорци и орнаменти што ја нагласуваат естетската вредност на градските куќи од таа епоха. Токму овој објект се издвојува од останатите објекти на Широк сокак по својот карактеристичен ориентален стил, кој е редок во овој дел од градот и привлечен за филмската и музичката уметност.

Анета Блажевска
