На денешен ден, 3 февруари 1977 годин кај Македонски Брод загина генералот на ЈНА и народен херој Васко КАРАНГЕЛЕСКИ.
Роден бил во селото Брусник, Битолско, на 7 јули 1921. Бил истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија и учесник во антифашистичката војна 1941-1944 г.
Пред Втората светска војна бил земјоделски работник. Бил член на организацијата на југословенската комунистичка младина (СКОЈ) од 1941 г. и член на КПМ од 1943 г. Бил заменик-командант и командант на баталјонот „Стив Наумов“, заменик-командант на Четвртата бриада, а потоа командант на Петтата и Седмата бригада. На крајот на антифашистичката и ослободителна борба бил командант на Четириесет и деветтата македонска дивизија на НОВЈ.
По ослободувањето на Македонија од бугаро-германската окупација, дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во Сојузот на Советските Социјалистички Републики (СССР), ја завршил Вишата воена академија на Југословенската Народна Армија (ЈНА). Во ЈНА имал чин генерал-полковник и бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија.
Бил член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Прогласен бил за народен херој на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) на 29 ноември 1953 г. Загинал во несреќен случај.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар