АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден 28 јули во 1943 година, во Битола е убиен Стево ХРИСТОВСКИ–Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден бил во Битола на 4 јануари 1921 г. Уште пред Втората светска војна стана член на КПЈ и се истакна со својата активност во редовите на прогресивното македонско националноослободително и комунистичко движење во Битола. Извесно време бил секретар на Месниот комитет на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Особено успешен бил во организирањето на младината, која учела во Битолската гимназија.
Во септември 1942 г. станал член на Месниот комитет на КПЈ за Битола и во него не само што бил одговорен за младината и СКОЈ, туку го организирал функционирањето на партиската техника. Истовремено бил член и на Окружниот комитет на КПЈ за Битола, а учествувал во редактирањето и диструбуцијата на битолскиот илегален партиски весник. Бугарската окупаторска фашистичка полиција кон крајот на 1942 г. го уапсила и откако не успеала да изнуди никакво признание со жестоките физички тортури во битолскиот истражен затвор, го интернирала во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија.
Во 1943 г., бугарската полиција го вратила назад во Битола, но тој на битолската железничка станица успеал да побегне и да продолжи илегално да живее и дејствува. Бил откриен и обиколен од бугарската полиција. Бестрашно влегол во вооружено спротиставување, но откако увидел дека борбата против далеку побројниот непријател е осудена на неуспех, со последнот куршум се самоубил и не дозволил да биде жив заробен.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар