АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ" во соработка со Центарот за култура во Битола, организираат Божиќен и новогодишен концерт, со настап на вокалната група „Фолклорно друштво и тамбураши на Хрватската читална“ од Херцеговац Хрватска. Концертот ќе се одржи во сабота со почеток од 19, 30 часот во Малата сала на Центарот за култура во Битола.
„Хрватската читална“ е основана во 1921 година и претставува центар на културните настани во општината Херцеговац и околниот регион. Во рамките на „Читалната“ дејствува и аматерскиот театар „Пучка сцена“, фолклорното друштво, тамбурашкиот оркестар и вокалната група. Организатори се на повеќе манифестации со долгогодишна традиција и тоа: „Златен славеј“, фестивал на детска песна основан во 1990 година, Денови на хрватскиот театар , меѓународен фестивал на аматерскиот театар основан од 1995 година. Повеќе претстави од оваа сцена гостуваа во Битола. Вокалната група е основана пред пет години и настапуваат под диригентска палка на Николина Марениќ.
Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, секоја година традиционално го одбележуваат Божиќ, со гостување на ансамбли и групи од градови од Хрватска или места на Балканот, каде дејствуваат хрватски здруженија. Културните гостувања и соработки траат долги години колку што постои и друштвото „Марко Марулиќ“, се со цел презентирање и запознавање на македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција. Изминатите години во текот на своето над 25 годишно постоење, ова здружение организираше многубројни гостувања како на хрватски здруженија, ансамбли и уметници во Битола, така и на македонски театри, уметници, ансамбли во Хрватска.