2win800x200

Пред фармерите промовиран правилникот за продажба од праг

Септември 11, 2020

 

Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството пред пелагониските фармери ги промовираат правилниците за барањата, условите и хигиена на производството и ставање во промет на храна од животинско и неживотинско потекло наменета за директно снабдување на крајниот потрошувач, вклучително и за начинот на производство на  храна со традиционални карактеристики. Целта на правилниците е малите производители на храна да се вклучат во системот за безбедност на храната и да ги продаваат своите производи. Односно ставање во промет на мали количини на производи без да се нарушува или доведува во прашање ниту безбедноста на храната, ниту здравјето на потрошувачите.

-Иако кај нас фармерите на почеток постои мала скепса, сепак од она што го чувме на предавањето е дека нашите производи ќе може да ги пласираме до крајните потрошувачи, без да зависиме од откупувачите. А ние и сега ги исполнуваме хигиенските услови за безбедност на храната и затоа имаме редовни потрошувачи, велат пелагониски фармери.

Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што е месото, млекото и нивните преработки, јајцата, рибата, дивечот...како и мали количини на преработени примарни производи од неживотинско потекло и храна со традиционални карактеристики претставува основа за развој на малите производители на храна и развој на семејните бизниси дури и во недоволно развиените региони на државата.

119218432 603214920318704 2259259352019190899 n

-Целата на двата правилници е да се регистрираат фармерите и да влезат во системот на безбедност на храната, да можат директно до малите потрошувачи да пласираат помали количини храна и да бидат запазени сите безбедносни аспекти што се однесуваат до храната, и тоа да не биде на штета на безбедноста и здравјето на граѓаните. Значи фармерот се регистрира ги задоволува оние минимални барања, хигиенски и производот го пушта до продавниците, рестораните и сл. Со тоа следливоста на самиот производ е запазена, а се ќе биде контролирано од инспекторите за храна и од ветеринари и кај производителите и откако ќе се пушти во промет. Значи досега продажбата на овие производи беше незаконска, а сега институциите сето тоа законски ќе го регулираат, изјави Зоран Атанасов, директор на АХВ. Според Атанасов за регистрираните фармери кои нема да ги почитуваат законските и подзаконските акти следуваат прекршочни и кривични пријави во зависност од прекршокот.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Р.С. Македонија со седиште во Битола се вклучува во делот на едукација на фармерите -производители.

-Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството се вклучува во едукација на фармерите како да се исполнат условите кои што ги бара Правилникот за храна од животинско и неживотинско потекло. Значи во сите рурални средини ќе допре нашиот глас. Им стоиме на располагање на земјоделците како да ги исполнат условите и како да дојдат до одредени средства од европските фондови и од Програмата за рурален развој. Ги охрабрувам сите примарни производители на храна од животинско и неживотинско  потекло да се регистрираат. Секој кој што произведува добар производ сигурен сум дека и во овој момент ги исполнува условите, кои исто како и регистрацијата се едноставни. Сето ова сметам дека ќе наиде на широк одзив кај фармерите, рече Борче Петковски, заменик директор на АПРЗ.

Двата правилници се направени со соработка со невладиниот сектор.

-Бевме вклучени во правењето на овие два правилници за животинско и растително производство. Високите стандарди кои што се однесуваат на безбедноста на производство во Европа се однесуваат на индустриското производство, што не треба да биде пречка локалните производители кои произведуваат традиционални производи  да бидат исклучени од синџирот на исхрана и тие производи да ги пласираат до крајните потрошувачи. Ние сме организација кога помага да ги поврземе потрошувачите со производителите и тоа да биде безбедно, сезонски, традиционално и да ги зачуваме квалитетите што ги имаме како држава во делот на традиционалното производство, рече Слободан Чокревски од организација Слоуфуд -Македонија.

Следејќи ги двата правилници Владата донесе одлука ваквите почетни бизниси кај фармерите да бидат дополнително субвенционирани и да им се овозможи грант.

-Тој грант е во висина до 10.000 евра. Помошта ќе биде во опрема, бидејќи се работи за производи и полупроизводи од храна каде што ќе има потреба од технолог, од користење на едно такво знаење. Ние даваме една можност токму во оваа сум 1.000 евра да можат да бидат потрошени за едукативен настап со користење на услуги на технолог, рече Трајан Димковски, раководител на секторот за Рурален развој во МЗШВ.  

119112509 624165254964903 3465147890116688193 n

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани