АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Без говорница и бина, на неформална средба со битолски дијалект, на која се зборуваше за најгорливите проблеми на битолчани, и се нудеа конкретни решенија и проекти. Вака звучеше вечерва свечената промоција на кандидатите за советници на независната листа предводена од Габриела Илиевска, во дворот на Интимен театар во Битола.
На промоцијата присуствуваа градски луѓе, докажани во повеќе области од општественото живеење на Битола.
-Во изминатиот период сите сме сведоци на тоа како се носеле одлуките во Советот на Општина Битола. Мора и вие да признаете дека тоа било на начин, кој бил добар за партиите, но не и за граѓаните на Општина Битола. Целата на оваа листа е граѓанинот да учествува во донесувањето на одлуките во Советот на Општина Битола. Буџет на увид на граѓаните-рече Габриела Илиевска, носител на независната листа за советници на Општина Битола.
Кандидатот Иван Чулаковски, познат во јавноста како активист за чист воздух, најави референдум за таканаречен „Закон за РЕК“, формирање на експертска група и поднесување на барањето до Парламентот.
-Проблемот со РЕК, не е само аерозгадувањето, туку итно поставување на филтри, проблемот со отпепелувањето,како и промена на сметката на АД ЕЛЕМ од Скопје во Битола. Кога веќе го трпиме загадувањето од РЕК-Битола, редно е и жиро- сметката да биде во Битола, заради повраток на ДДВ.Субвенционирање на електричната енергија за битолчани, јасно дефинирање на распределбата на средствата кои комбинатот ги дава заради аерозагадувањето и секако топлификацијата-рече Чулаковски.
Дел од програмата на независната листа ќе биде посветена и на заштита и унапредување на животот на самохраните родители, членови на еднородителски семејства, како и деца и лица со посебни потреби.
-Само оној кој ја минува битката да биде и мајка и татко во исто време, може да ме разбере зошто е потребна сериозно поголема поддршка.Само оној кој има дете со посебни потреби знае низ што се треба да помине за да тоа дете биде прифатено и вклопено во средината. Никој не е имун на овие состојби. Тие може да му се случат на секој од нас. Како самохран родител влегувам во директна борба да ги дестигматизира ранливите категории и да помогнам во поддршката која што секој ден им е потребна-рече Марија- Магдалена Петковска Микаровска, кандидат за советник.
На промоцијата се претставија и други кандидати кои зборуваа за туризмот, културата, спортот.