АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Синдикалната организација на АД ЕСМ и Синдикатот на РЕК Битола донираа вода за пиење во Вакциналниот пункт во Битола. Вкупно 13.000 шишиња вода се ставени на располагање на ЈЗУ Здравствен дом д-р Хаим Абраванел Битола кој го организира вакцинирањето против Ковид 19 на граѓаните од регионот во Спортската сала во Средното медицинско училиште во Битола..
“ Општествената одговорност е еден од приоритетите на Синдикалната организација на АД ЕСМ. Нашиот Синдикат брои околу 5.000 членови и чувствуваме морална одговорност да помогнеме во секоја ситуација која го засега не само АД ЕСМ, туку пошироката заедница. Затоа, се одлучивме да донираме 10.000 шишиња со вода за пиење за граѓаните кои се вакцинираат во Битола”, рече Претседателот на Синдидатот на АД ЕСМ, Јове Смилевски.
“ Многу вработени во РЕК Битола деновиве имаат термин за вакцинирање во пунктот во Битола. Лекарите советуваат по примањето на вакцината малку да се одмори, да се испие вода и оттаму дојде идејата, заедно со Синдикатот на АД ЕСМ да помогнеме во обезбедувањето на потребните количини за барем десетина дена”, вели Претседателот на Синдикалната организација на Подружница РЕК Битола, Менде Фидановски.
Директорката на Здравствениот дом Битола, Весна Спиркоска се заблагодари за донацијата и порача :
“ Ние, здравствените работници и власти, уште од самиот почеток на пандемијата со Ковид 19 апелираме дека само заедно, со заеднички напори може да се избориме со болеста и полека да се враќаме во нормалното живеење што го имавме пред корона кризата. И оваа денешна донација од Синдикатите на АД ЕСМ и на РЕК Битола е токму во таа насока – секој да помогне каде може, колку може, заедно да се избориме со болеста. Во нашиот пункт во Битола се вакцинираат жители на Битола, Прилеп, Демир Хисар, Македонски брод и Крушево. Фреквенцијата на луѓе изнесува околу 1.000 луѓе дневно, односно се трошат исто толку шишиња за вода, за секој вакциниран граѓанин. Затоа се заблагодарувам на Синдикатите на АД ЕСМ и на РЕК Битола за донацијата и за нивната поддршка на процесот на имунизација”, рече Спиркоска.
Синдикалната организација на АД ЕСМ и Синдикатот на РЕК Битола од почетокот на пандемијата досега реализираа повеќе акции за помош и поддршка на поединци, установи, институции што се вклучени во борбата со Ковид 19 или погодени од ковид кризата.