АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Утре стапуваат на сила измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои недела станува неработен ден и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) ги повика сите работници да пријават прекршувања на нивните права во врска со работењето во недела. Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони.
Пријавувањето може да се направи преку интернет страницата www.dit.gov.mk, со поднесување пријава во архивите на подрачните одделенија и централата на ДИТ, на телефонскиот број 15131 или кај дежурните инспектори по региони, за кои можат да се добијат повеќе информации на https://dit.gov.mk/?p=9833.
Собранието на 20 декември го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со што недела беше прогласена за неработен ден, што беше едно од главните барања на Сојузот на синдикати на Македонија. Со новото законско решение, недела ќе биде неработен ден за 92% од работниците.
Оние што се ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден што ќе можат да го искористат во наредните седум дена.
Државниот инспекторат за труд соопшти дека пред да почнат со работа во недела, работодавачите се должни да го известат инспекторатот преку посебен образец за вршење работа во недела.