2win800x200

Без покриен базен и со тренинзи само преку лето, младите битолски пливачи постигнуваат маратонски успеси

Август 22, 2022
Младите пливачи од ПК „Олимпик“- Битола нема каде да тренираат назима, но огромниот труд што го вложуваат налето и посветеноста на тренерот Кире Марков ги прават шампиони
 
Шаренило од бои, звуци на радост, ентузијазам и пливачи кои не се откажуваат од целта. Ваква атмосфера нè пречека на Олимпискиот базен во Битола за време на часот на младите пливачи од клубот „Олимпик“. Меѓу нив речиси и да нема дете без медал. Тие се на возраст од 6 до 15 години и напорно тренираат повеќепати неделно, некои дури и секој ден двократно трудејќи се да станат големи пливачи. Упорноста и љубовта кон овој спорт, но и посветеност на тренерот, некогашната македонска пливачка легенда Кире Марков, ги водат до големи успеси. Некои пливаат маратони и освојуваат медали, а други се вешти на кратки патеки. На нивните успеси ќе им нема крај доколку Битола има покриен базен. Иако долго време се ветува, ваков објект не е дограден, па битолската пливачка надеж тренира само преку лето.
 
 
Лора Крстевска - шампион во маратонско пливање
 

Меѓу најперспективните е 15-годишната Лора Крстевска. Не пропушта маратон и други натпревари од каде што редовно се враќа со медали.

 
- Пливам од шест години. Многу ја сакам водата. Додека пливам, се чувствувам слободно. Учествував на Преспанскиот, Илинденскиот, Крушевскиот, Велешкиот маратон... Минатата година на Велешкиот освоив прво место во моја категорија на 2,5 километри. Учествував и на многу брзи трки и минатата година бев трето место на „Охрид опен“. Повеќе ме привлекува маратонското пливање. Издржливоста доаѓа од редовни тренинзи и многу упорност. Тренирам седум пати неделно, секој ден по два пати. Пливањето ми е меѓу приоритетите во животот - вели Крстевска.
 
Лора, победник на Велешкиот маратон
 
Братот и сестрата Буџаковски со големи достигнувања
 
Најмалиот и најхрабриот е седумгодишниот Марко Буџаковски, кој напорно плива.
 
- Ова ми е медал од „Охрид опен“, каде што во јули го освоив третото место во градно пливање. Не пропуштам ден да не дојдам на пливање. Не ме плашат ни брановите ни напорните тренинзи. Сакам да станам успешен пливач - вели вторачето Марко.
 
Теона и Марко
 
Тој има и на кого да се угледа. Успех по успех ниже неговата сестра Теона Буџаковска, која има десет години, а на натпреварите успева да се пласира меѓу најуспешните.
 
- Се чувствувам многу убаво додека пливам. Се развива моториката на телото, стануваме храбри, истрајни да се соочиме со предизвиците. Пливањето ми дава повеќе сила. На „Охрид опен“ го освоив второто место, а на Сливничкиот маратон бев третопласирана - вели Теона.
 
Теона (лево)
 
Лошкоски-Ружинов со меѓународна кариера
 
Бојан Лошкоски-Ружинов е деветтоодделенец, а веќе гради меѓународна кариера.
 
- Пливам осум години. Преку пливањето сакам да покажам што можам да постигнам, да испливам што побрзо можам, да си докажам и себеси дека можам да го постигнам зацртаното. Имам освоено повеќе медали на повеќе натпревари во Македонија, Бугарија, Србија. На натпревар во Србија во 2019 година освоив златен медал - вели овој млад пливач.
 
Со жалење констатира дека преку зима нема каде да тренираат, Битола нема покриен базен.
 
- Се снаоѓаме како што можеме. Да имаме затворен базен, многу ќе значи, ќе можеме да пливаме цела години и ќе имаме подобри успеси. Засега само овој базен ни е - вели Лошкоски-Ружинов.
 
Кире Марков и Бојан Лошкоски-Ружинов
 
Нивниот тренер Кире Марков, позната легенда на југословенското пливање, дури 30 пати ја има испливано релацијата Горица- Охрид и го држи рекордот во старосна граница и официјално како највозрасен пливач на таа патека од 2,5 километри. Веќе 22 години, од формирањето на клубот „Олимпик“, тој ги тренира младите пливачи. Повеќе од две децении минал на базените, по натпреварите и маратоните како тренер, судија и придружба на големите маратонци - интернационалците како Французинот Стефан Гомез, Аргентинецот Матијас Дијаз и многу други.
 
 
Некогаш скопјани ни ги гледаа петиците, а денес се пред нас, но не се предаваме
 
- На овој базен сум од 1963 година. Прво како пливач, а потоа и се натпреварував. Имавме големи успеси и натпреварувачите од Скопје ги „јадевме“. Ни ги гледаа петиците. Откако се направија условите за пливање таму, ние им ги гледаме петиците. Но, не дозволувам да ни избегаат многу. Двајца пливачи ако испратиме на натпревар, двајцата се враќаат со медали - вели Марков.
 
Посочува дека треба да се направи еден натпревар на пливачки клубови кои вежбаат само на отворен базен, тогаш ќе се добие вистинската слика кој е најдобар. Преку лето стигнуваат до врвот, а потоа кривата стрмоглаво паѓа зашто Битола нема покриен базен.
 
- Од нашиот клуб излегоа многу добри пливачи кои се носеа во Скопје, каде што има зимски базен. Еден период користевме и базен во приватен хотел и имавме големи резултати. Да имаме инфраструктура, ќе бидеме уште појаки - додава Марков.
 
Од клубот водат разговори со приватен хотел надвор од сезоната тренинзите да ги одржуваат таму.
 
 
 

Од клубот излегле врни пливачи како Бојан Јанакиевски, Филип и Мартин Врбовски, Мартин Тодоровски, кој во една година успеа да освои 13 награди, потоа Софија Бејковска, единствена битолчанка која ја има испливано релацијата Св. Наум - Охрид... Кога Марков ќе свирне со свирчето, сите го слушаат. На час успева да воспостави контрола на над 20 деца и никогаш не се уморува.

 
- Ние ги следиме времето и брановите, мобилни кај нас нема - вели тренерот.
 
 
За неговата љубов кон пливањето и фанатизмот, зборува тоа што подготвувајќи се за маратон, а немајќи покриен базен за вежбање, „пливал“ на суво. 24 километри поминал на регионалниот пат Тополчани - Битола одејќи, а во горниот дел поставувајќи се како да плива. Ако оваа фанатична волја, како и онаа на децата, ја имаа одговорните, Битола одамна ќе имаше покриен базен, зашто пливачките таленти го заслужуваат тоа.
 
Базенот требаше да се изгради преку Агенцијата за млади и спорт кај ОУ „Даме Груев“ во Битола, инвестиција од  43 милиони денари, градбата започна во 2020 година и се најавуваше дека ќе заврши за 18 месеци. По две години градбата е подигната, покривот поставен, но објектот допрва треба да се доградува и опремува.
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани