
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Луто слатко од пиперки со темно чоколадо, џемови од домат, бела слива, од круша со лаванда и нане, капина, рибизла, од јаболко со ванила и цимет, шери во маслиново масло, веге намази се само дел од големиот асортиман на оригинални органски производи што ги прави со продукти од својата бавча Александра Лозановска од Демир Хисар. Таа по професија е машински инженер, но одлучи да се заминава со производство на здрав а храна и брендот го нарече „Моја бавча“.
„Се̍ сами произведуваме од семче до готов производ во тегла. Идејата беше дека здравата храна може да ја добие секој човек, а не само ние производителите да ја конзумираме. Ги засуклавме ракавите зашто за ова сака многу труд. Се исплатува ако си иновативен и смислуваш нови вкусови. Производи имаме од благи до солени и ништо не купувам за да ги подготвам. Се̍ имам во дворот или во бачата“, раскажува Лозановска, учесник на манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ што во организација на Зелена берза, поддржано од Министерството за земјоделство се одржа во објектот на Синпекс во индустрискиот дел на Битола.
Странски туристи ја посетуваат бавчата на Лозановска каде сами можат да наберат земјоделски производи кои не се прскани, а потоа во нејзиниот двор се подготвуваат домашни традиционални јадења како питулици, зелници, мазници, макала, чипс од суви пиперки и друго.
Верица Бутлевска, уште една учесничка на манифестацијата, триесет години работела во Битола на хортикултура, а откако се пензионира стана земјоделка и отвори вила меѓу битолските села Кажани и Ѓавато каде гостите може да вкусат органска храна.
„Призведувам домати, пиперки, кељ, прокељ, праз, компир... Правам домата, зимница, сушам печурки со дехидратор, од нив подготвувам чорба, зелници. Има интерес, на минување прашуваат луѓето за да купат и влегуваат гледаат дека тоа е органско производство, дека не е прскано. Природно и со љубов направено“, вели Бутлевска.
Македонија не е Италија, но битолчанецот Ѓорги Тошев веќе една година за продажба произведува домашни тестенини. „Имаме од традиционалните кори што ги правеле нашите баби, сега вклучуваме и нови вкусови како што е црвена пиперка, врган, тестинана со лук, спанаќ, блитва, домашни лазањи... Целата постака е домашна со испочитувани стандарди што ги бара Агенцијата за храна, внимаваме на хигиената и квалитетната исхрана“, вели Тошев.
Ова беше трет Саемот на македонска традиционална храна во Битола кој има за цел да ја промовира македонска храна и на едно место да ги собере производителите, преработувачите и иноваторите на нови вкусови на храна од сите страни на Македонија. Целата на организаторот Зелена берза е преку оваа манифестација да поттикне и поинтензивниот развој на органското земјоделство и секако одржување на бројот на жители во руралните средини и позабрзан развој на селата.Од Зелена берза велат дека во последниве години забележлив е трендот на зголемено органско производство во земјава кое е координирано со финансиската поддршка од страна на Владата, токму поради големите природни потенцијали за развој на органско производство во нашата земја.
„Ја промовираме македонската традиционална храна и локалните производители. Секој сака да касне нешто вкусно, органско и да биде сигурен во тоа што ќе го јаде. Имаме 24 изложувачи од земјава, од Пелагонискиот регион кои презентираат оригинални органски производи и традиционална храљна, од Охрид за сушено овошје пред се од лимон портокал, џемови од чили, слатка, производител на козјо сирење од Скопско и други“, рече од Олгица Тредндафиловска од „Зелена берза“.