АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов поднесено од здружението Културен Центар ,,Иван Михајлов’-Битола
Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов поднесено од здружението Културен Центар ,,Иван Михајлов’-Битола. Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе одлука по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.
Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека именувањето на Здружението „Иван Михајлов“ е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост,нетолеранција и омраза во македонското општество.
Комисијата заседаваше во полн состав. Претседател на Комисијата за употреба на имиња на личности е проф.др Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ. Нов член е и Евгениј Литовски-кустос, историчар во Министерството за култура.
Измените на Законот за здруженија и фондации беа усвоени лани во ноември, по реакциите во јавноста за именувањето на бугарските здруженија во земјава со имиња на контроверзни личности. Со измените здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на личности кои по било која основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, омраза, геноцид, поддршка на фашизам и нацизам. За здруженијата кои нема да се усогласат со законските измени ќе заседава Комисијата за употреба на имиња и личности, па мислењето ќе го достави до министерот за правда кој е обврзан потоа да донесе решение. Ако решението е негативно здружението ќе се избрише од Централниот регистар.