Во тек е инспекцискиот вонреден надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во Клиничката болница во Битола, а формирана е и комисија за стручен надзор за целосно да се испита медицинскиот третман што бил даден на новороденчето кое починало во неделата по раѓањето на Одделението за Гинекологија.
,, Комисијата од ДЗСИ е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на текот на лекувањето на починатото новороденче. Истовремено е формирана и комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог, како и претставник од Министерството за здравство", соопштија од ресорното министерство.
И за случајот на 5-годишната Јана Христовска на 22 март во Битолската болница беа спроведени два надзора, од инспектори на ДЗСИ и на Комисија за стручен надзор. Но, од нив не беше констатирана лекарска грешка во лекувањето на девојчето.
По двете трагедии за нецел месец во кои починаа и мало девојче и бебе во болницата, директорот д-р Александар Обедниковски, утрово до Министерството поднесе неотповиклива оставка од морални причини.