2win800x200

Битолчани го чекаат автопатот, но бараат и транспарентност

Мај 10, 2023

БИТОЛА – Битолчани со децении очекуваат автопат на релација Битола – Прилеп. Новиот автопат ќе значи и нови можности за поврзување со Скопје и другите делови од државата. Најавите за изградба на автопатот го следат многу нејаснотии и контроверзии, но граѓаните велат дека недокажана корупција не смее да ја спречи изградбата на автопатот.  

Оптимизам владее кај жителите на градот под Пелистер за новите планови за автопатско поврзување на релација Битола – Прилеп и плус ако на ова се додаде експресниот пат Прилеп – Градско за поврзување со Скопје, и ако се изгради веќе најавениот експресен пат Битола – грчка граница, градот ќе заживее стопански, економски, туристички…

Неизградениот автопат Битола – Прилеп, во должина од 40 километри, како дел од Коридорот 10д, за битолчани е пречка за развој на поширокиот Пелагониски регион. Па, често велат дека Битола е слепо црево на државата. Постојниот пат е завршен со изградба 1983-84 година, а рехабилитиран на крајот на деведесетите години, па горниот слој на асфалт со годините е собран, како што велат битолчани како „армоника“ и на повеќе позиции е причина за нестабилно возење и сообраќајни несреќи.

Од тука, граѓаните сметаат дека автопатот Битола – Прилеп е значен инфраструктурен проект што мора да се реализира час поскоро, а наводите за криминал во договорот на државата со изведувачот „Бехтел и Енка“ да се третираат сериозно и според сите важечки закони и меѓународното право и да се спречи сѐ што е спорно.

Граѓаните бараат автопатот да се изгради, а власта да манифестира транспарентност во целата постапка.

„Автопатот ќе придонесе за поврзување со главните сообраќајни артерии коридорите 8 и 10, ќе го намали времето на транспорт на патници и стока, ќе ја ревитализира очајната патна инфраструктура во Пелагонија, ќе го користат 180.000 граѓани од 11 општини, Пелагонија ќе стане транзитна точка за туристите кои патуваат кон Јонско Море. Што се однесува до договорот тој треба да биде транспарентен и на увид на јавноста. Доколку нема спорни одредби во најбрз можен рок треба да почне изградбата на автопатот“, вели Филип Димитровски, економист од Битола.

За битолското стопанство нема дилема дека автопатот е насушна потреба за економско зајакнување и развој на регионот, а недокажана корупција да не биде пречка за реализирање на проектот.

„Дека сакаме автопат да се направи, сакаме, и тоа од сите аспекти. Побрзо патување до Скопје и до сите други релации. Тука нема дилема, прашањето е кога ќе се направи, колку време ќе се гради тој автопат? Само да не се гради со години и децении? Околу наводите за криминал, држава има неколку служби кои го контролираат криминалот, да се вклучат и агенции и дирекции и МВР и тоа да се регулира. Гледате што значеше новиот автопат за Штип и Кочани, какви се позитивните промени во тој регион. Автопатот носи нови инвестиции и остварување на нови економски цели. Битола не смее и натаму да биде слепа улица“, смета Јорго Шундовски, архитект, стопанственик од Битола, поранешен министер за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.  

Професорот од Техничкиот факултет, Дејан Трајковски, има спротивно мислење, тој направи пресметка, па за „Независен“ наведува дека неоправдано е инвестирањето во новите патишта од неколку моменти – времето за поврат на инвестицијата, влијанието на надворешниот јавен долг…

„Автопат Битола – Прилеп не е неопходен при сегашната фреквенција на возила, доволно е да се преасфалтира. Кога резервите на јаглен во рудникот Суводол се речиси исцрпени, производството на електрична енергија е драстично намалено, а државата често зависи од увоз на скапа електрична енергија, највисокиот приоритет треба да претставува изградбата на нови хидроцентрали, отворање на нов рудник за јаглен со подземна експлоатација во Живојно, изградба на гасна електрана, па дури и изградба на батериски банки за складирање на електричната енергија од новите фотоволтаични централи. Споредувајќи ги со автопатиштата, овие животно важни проекти, имаат многу побрз поврат на инвестицијата. Владата ги измешала приоритетите, свесно или не“, смета професорот Трајковски.

Општина Битола и Завод и Музеј Битола потврдуваат дека досега не се консултирани (секој во својот домен), околу проектот за изградба на автопатот Битола – Прилеп.

„Во Завод и Музеј Битола за трасата за новиот автопат до овој момент немаме добиено никакво барање од надлежни институции на кои би одговориле за евентуални археолошки локации долж трасата. Досега за изградба на патишта во нашиот регион бевме известени и од нас беше барано стручно мислење. Како на пример за патот Битола – Меџитлија, грчка граница, и во принцип сме консултирани за секоја една траса, па и за изградба на улици низ градот. Но, сега немаме такво барање“, изјави за „Независен“, Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј Битола.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, пак, се жали дека општината е заобиколена за целиот проект, што, според него, воопшто не е во ред.

„Можам да речам дека Општина Битола не е контактирана од централната власт во однос на проектот за изградба на автопатот Битола – Прилеп“, потврди градоначалникот Коњановски за „Независен“.

Тој вели дека реализацијата на секој проект мора да биде преку јавно и транспарентно спроведени постапки, кои нема да оставаат сомнеж за корупција.

„Во моментот, во врска со проектите за изградба на коридорите 8 и 10д, имаме ситуација во која Владата менува пет закони за да реализира претходно склучен договор, за кој ќе бидат потрошени 1,3 милијарди евра, пари на граѓаните, а кој, од друга страна, граѓаните го немаат на увид, не знаат како ќе се потрошат нивните пари. Ако државата се стреми кон ЕУ, тогаш мора да биде транспарентна и без корупција, а секое некомуницирање со јавноста или криење на важни документи остава сомнеж за коруптивни намери“, изјави Коњановски.А.Б 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани