2win800x200

Високата цена на струјата го зголеми „зеленото“ финансирање : За три месеци од годинава земени повеќе кредити отколку цела ланска година

Август 03, 2023

Во првите три месеци од годинава домаќинствата и фирмите имаат земено кредити за „зелено“ финансирање повеќе отколку цела ланска година, што покажува дека сé повеќе се инвестира во различни форми на енергетска ефикасност и во обновливи извори на енергија.

На крајот на првото тромесечје, според податоците на Народната банка, биле одобрени кредити во висина од 256 милиони евра. За споредба, на крајот на ланската годна вкупните одобрени кредити изнесуваа 250 милиони евра. Година претходно кредитите за оваа намена изнесуваа 172 милиони евра.

Драстичен скок во кредитирањето има и во секторот домаќинства и кај деловните субјекти. Имено, домаќинствата во првиот квартал земале кредити во висина од 18 милиони евра, додека цела ланска година кредитирањето изнесувало 21 милион евра.

Скокот е особено изразен кај фирмите каде за цела ланска година биле одобрени кредити во вредност од 229 милиони евра,  а годинава за само три месеци кредитирањето изнесувало 237 милиони евра.

Под „зелен“ кредит се подразбира кредитирање на проекти кои значат подобрување на енергетската ефикасност на домаќинствата и на корпоративниот сектор, инвестиции во зелени технологии, во обновливи извори на енергија и слично.

Порастот на „зеленото“ кредитирање веројатно најмногу се должи на измените на законската регулатива и давањето можност граѓаните и компаниите да инвестиаат во сопствено производство на електрична енергија. Со енормниот скок на цената на електричната енергија ланската година, очигледно е дека расте интересот, пред се кај компаниите, како за производство на енергија за сопствени потреби, така и за изградба капацитети за производство на струја, односно фотоволтаични централи и мали хидроцентрали со производство наменето за пазарот. Секако, расте и свеста на граѓаните дека мерките на енергетска ефикасност, како замена на стари со ПВЦ прозорци, поставување енергетски ефикасни фасади, колектори за топла вода, а сега и соларни панели на крововите за производство на струја, долгорочно значат сериозни заштеди за семејниот буџет

И Народната банка го стимулира „зеленото“ финасирање па затоа и ја продолжи мерката ослободување од задолжителната резерва на банките за кредити за обновливи извори на енергија, како поддршка на енергетската транзиција на економијата. 

Минатата година, инаку, беа изградени вкупно 267 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија со што инсталираниот капацитет за производство струја се зголеми за 18% или во апсолутен износ за 144,4 MW. Беа изградени 254 фотонапонските електроцентрали, 11 мали хидроелектроцентрали, една ветерна електроцентрала и една термоелектроцентрала на биогас. (З.П.)

 Извор 24инфо.мк 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани