АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчанката Тамара Николовска, под менторство на наставничката Сашка Делова, е меѓу трите ученички од Македонија кои постигнаа голем успех на Меѓународниот натпревар по англиски јазик „Хипо 2023“ што се одржа во Рим, Италија. Ученичките кои во одлично светло ја претставија Македонија, деновиве беа примени и од претседателот на државата Стево Пендаровски.
Тамара Николовска своето основно образование го заврши во ООУ „Гоце Делчев“ -Битола. Како деветтоодделенка, поттикната од својот ментор, Сашка Делова, учествуваше на меѓународниот натпревар по англиски јазик „Хипо 2023“ и успеа дирекно да се пласира во финале, во категоријата Хипо 3.
На натпреварот во кој се тестираат четирите јазични вештини (слушање, читање, пишување и говорење) и граматика, успешно се пласираше на 11 место. Сега таа е веќе средношколка во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола каде ќе продолжи да ги унапредува своите знаења од областа на англискиот јазик. ќе добие поддршка од наставниот кадар.
Сашка Делова, за „Апла“ изјави : ,,Како наставник отсекогаш силно ги поттикнувам, охрабрувам и работам со ученици за учество на натпревари, зашто сметам дека се од исклучителна важност за градење на самодовербата кај учениците. Едноставно децата созреваат на повисоко ниво и стануваат помоќни личности“.
Другите две ученички од Македонија кои постигнаа високи резултати се Ана Радеска која овои прво место во категоријата Хипо 3 на меѓународната олимпијада во Рим и Катја Гогова од ООУ “Петар Мусев”, Богданци која беше успешна во категорија Литл Хипо.
„Нивните медали се потврда за квалитетот којшто го поседуваат. Ги охрабрувам да продолжат да ги надградуваат своите знаења и да постигнуваат уште поголеми меѓународни успеси. На нашите сегашни и идни ученици им посакуваме многу успеси во иднина“, изјави Пендаровски.
Хипо е меѓународна олимпијада што се организира со цел да ја промовира важноста на познавањето на англискиот јазик и да ги зближи децата од различни земји, а оваа година имаше над 80.000 учесници од целиот свет што укажува на големите познавања и постигнувања на македонските натпреварувчки.
Ж.Здравковска