АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Службата за дермато-венеролошки заболувања позната како Кожно одделение при Клиничката болница „Др.Трифун Пановски“ во Битола, една од најстарите во државата, го започна чествувањето на едновековниот јубилеј постоење со објавување на електронски алманах со фотографии. Во него на сликовит начин е прикажана историјата и смената на генерациите во оваа служба која за првпат како државна амбуланта започнала со работа во 1925 година. Во 2025 ќе слават сто години работа, за што во следниот период ќе бидат организирани повеќе пригодни настани.
Државна амбуланта за лекување работела и во времето на окупацијата во отежнати услови. Во 1958 година Дерматолошката амбуланта работела два пати неделно, со хонорарен лекар, специјалист, кој доаѓал од Прилеп, додека Венеролошката амбуланта работела секојдневно, со лекар од Битола. Кожната амбуланта традиционално, од самиот почеток до денес се наоѓа во просториите на ЈЗУ „Др. Хаим Абраванел“.Во 1966 год. ја водел прим. др. Спиридон Џамбазовски од Прилеп, додека Венеролошката амбуланта, од 1968 год. ја водиел др. Петар Димитров (раководител на Службата од 1972-1989год.). Хоспитализација на болните се вршела во Прилеп. Во 1968 год. почнал да работи лекар спец. дермато-венеролог, др. Ставро Османли (раководител на Службата од 1989-1996 год.) и се формирал комплетен диспанзер за дермато- венеролошки заболувања кој работи перманентно, до денес.
Во 1972 год. се отворило болничко одделение за лекување сместено во просториите на болницата „Др.Трифун Пановски“со капацитет од 18 болнички кревети. Истата година дошло до затварање на стационарот во Прилеп, па така, Битола станала втор град во Македонија со сопствен стационар во кој се хоспитализирале болните од Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Крушево, односно цел југо-западен регион од Републиката.
1983 год. службата се здобивала со уште еден специјалист, Прим. др. Мирко Литовски (раководител на Службата од 1996-2009), па во 1984 год. со спец. др. Натка Гроздановска со што се комплетирал стационарното и диспанзерско лекување. Свој придонес кон диспанзерското лекување деале и лекарите- секундарци др. Дијана Ѓоргиевска од 1986 год. и др. Јелка Ѓеорѓиевска од 1988 год. и двете до 2000 година.
1989 год. во Службата се вработила спец. др. Горка Мирчевска (раководител на Службата од 2015 -2017 ), а во 1991, др. Нина Стефановска (раководител на Службата од 2009-2015) и др. Евдокија Коцева, која по кусо време заминала во приватно здравство. Во 2000 год како специјалисти дошле др. Дијана Ѓоргиевска ( раководител на Службата од 2017- денес) и др. Елка Ѓоргиевска. Со проектот на Министерството за здравство за вработувања од приватно во јавно здравство, во 2013 се вработуваат како лекари специјалисти др. Фани Нашокова и др. Александра Торкова- Танасковска.Во 2021 год. во тимот доаѓа Др. Дејан Петровски, а во 2023 како специјалист се приклучува и др. Виолета Андреевска.
„Согласно годишните програми на Службата, во изминатите години, специјалистите се обучуваат на полето на дермоскопија, медицинско- естетска дерматологија, алергологија и варикологија. На тој начин се прошири видот и обемот на стручни услуги и подобри квалитетот на лекување на пациентите“, вели началничката Др.Дијана Ѓоргиевска, специјалист дермато-венеролог.
Денес општа дерматолошка амбуланта е сместена во просториите на ЈЗУ „Др. Хаим Абраванел“ и работи преку Мој термин и ги дава следните услуги: дерматолошки прегледи, венеролошки прегледи, криотерапија со течен азот, електрокаутеризација, дермато- онкологија (дермоскопија), совети по дермо – козметика, актино- терапија и алергологија/ печ тестови.
Болнички дел е во склоп на Клиничката болница и е наменет за пациенти кои имаат потреба од лекување на кожни болести во болнички услови. Во Службата работат шест лекари, а неопходна е натамошна модернизација преку набавка на современа апаратура за да се следат современите текови на медицината.
Службата ќе ја добие и донацијата на Ротаракт клубот од Битола собрана за време на хумантираниот настан одржан по повод Меѓународниот ден за борба против сидата..
(Од хуманитарниот настан во организација на Ротаракт Битола)
(Фотографиите се од алманахот)