АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Мојата книга „Последниот лист гитарист“ настана низ еден длабоко мислечки процес насочен кон барањето одговори на прашањата од моите деца, па и на сите други, зошто животот е детерминиран со смртта; зошто злото го демне доброто; зошто ноќта го проголтува денот; зошто мајка му на Бамби умрела токму тогаш кога најмногу му требала; зошто зависта кај луѓето не умира; зошто браќата и сестрите секогаш треба да се здружени во стог? Зошто децата да фантазираат за поубав и почовечен свет; зошто простувањето е доблест; зошто на лошото однесување на другиот треба да му се сврти грб, а не да се врати со иста мера? Како да се искажат емоциите на тага и на радост; како да се остане достоинствен и тогаш кога најблискиот ти удира шлаканица среде глувата ноќ? Зошто верувањето во невидените чуда е потенцијална реалност и зошто родителот и учителот треба да го носат ореолот на Сонцето? Зошто природата ни буди мисловни рефлексии и од нас го извлекува емотивниот талог? Зошто птиците носат ветер во крилјата и во воздухот снегулката се топи од љубов? Зошто???
Како родител, како учител, како човек и како ДЕТЕ, јас ги најдов одговорите на сиве овие прашања:
Листот гитарист свиреше и бас, и пееше на глас, шумата ечеше од забава чудна, па месечината од задоволство остана будна. Листот реши цела зима да не спие, во танцот на ѕвездите да се сокрие:
− Не е време за тага, туку за музика блага. Што ако е есен, ветрот и јас ќе танцуваме без тага! Ќе дојдат животните шумски и ќе направиме журка по патеките друмски.
Кога би бил сонце, би ги стопил глечерите и би однел вода во степите.
Како сонце, би ги осветлил темните пештери во кои притаено престојува злото.
Злото би го претворил во добрина на детска душа и во топлина на мек леб.
Желбата е важна, таа е снажна.
Будноста е сон, тој ве носи од реалноста вон.
Таму животот е радост со невидена сладост.
Соништата се духовни вселени со желби и фантазија населени.
Тој што братски дава рака ако некогаш е во мака, ќе добие од пријатели сѐ што сака.
За да станете дел од басна вие, трпение нека ве опие. Нека не ви се јаде, нека не ви се спие.
Љубовта кон ближниот нека ве обвие. Моето срце таква тајна крие.
Секој што силно нешто сака, ќе стигне до него макар и со мака.
Тој што не знае што е тага, збор не знае добро да вага.
Знајте, за да добиете дар, треба во себе да верувате барем.
Секоја цапалка во снегот значи чекор до некој врв – духовен или планински, најмногу чекор до врвот на сопствените можности.
Ветерот што го сакам е како песна на скитачите. Го праќам да ви тропне на вратите и во срцето да ви всели добрина.
На хоризонтот се појавува ѕуница која прегрнува бои во утринските зраци. Тогаш се замислуваат желби за вечна љубов меѓу утрото и ноќта. Без нив не би ја чувствувале минливоста на животот.
Во дивава природа наша, секој може да се најде во каша. И силен и крилен, и гривен и здивен, и вообразен и безобразен. И на мало и грдо прасе од небо може да му падне вреќа со среќа. Но тој што ова го знае, мудро си трае. А, тој што зло праќа, некогаш со живот плаќа.
____________
Во шумскиот свет чуден
лавот на животните им беше суден –
бранител да биде нивни.
Од него треба секој владетел да учи,
а не пред поданици мустаќ да сучи.
Да живеат таквите кралеви вредни –
на светот ќе нема по дух луѓе бедни.
____________
На африканскиот брег,
децата првпат видоа снег.
На сите убаво им студи,
а Снешко никој не го буди.
____________
И, запомни!
– Сѐ што ти е мило,
в срце што се свило, сѐ е живо,
сѐ е живо, живо... живо..
Драги мои, тој што има образ чист, нека повели, нека стане ЛИСТ ГИТАРИСТ!!! - професор Даниела Петровска