АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Словенечкиот уметник Емил Хрватин, еден од тројцата Словенци кои си ги смениле имињата со она на десничарскиот политичар Јанез Јанша, ќе одржи предавање на „Name- readymade“ на 13 –то издание на Фестивалот за современа уметност АКТО што од 23 до 25 август ќе се одржи во Битола. Ова е само еден од перформансите поврзани со феноментот промена на име што се дел од годишениот фестивал, кој пак го носи мотото „Општество во изградба“.
„Јанез Јанша ,уметник од Словенија, ќе изведе перформанс за промената на своето името и идентитетот и што значи понатаму тоа. На слична тема е и Марко Марковиќ од Загреб кој исто така зборува за промената на името, односно дека секаде во регионот постојат луѓе кои се викаат Марко Марковиќ и дека не е толку важно како се викаш, туку важно е што правиш и како делуваш. Како трета содржина на тема промена на име е и филмот ‘Град на хероите’ од Зрењанин, каде има иницијатива за промена на името на градот Зрењанин во Крал Петар. Постои голема група на луѓе од Србија кои се борат да си остане името“, рече Ивана Васева, кокуратор на фестивалот.
АКТО започнува во четврток во 11 часот во паркот на Офицерскиот дом во Битола со проектот „Соларна кујна“ на Никола Узуновски и „Растечки споменик“ на Катерина Поповиќ.
„Ќе го отвориме фестивалот со акто расадник, ќе има околу 96 растенија, а секоја посетител ќе може да дојде и да земе акто билка и да си ја одгледува понатаму. Идејата е дека АКТО расте не само за нас туку и за идните генерации. Исто ќе засадиме и акто јавор , дрво кое ќе даде свежина во дворот на Офицерскиот дом“, додаде Васева.
Филип Јовановски, кокуратор на фестивалот, рече дека годинава темата е општество во изградба зашто сметаат дека по 11 годишно живеење во еден систем кој ги погази демократските вредности во општеството треба одново преку културата да се потсетиме на вредностите врз кои треба да се гради општеството, а тоа се солидарност, заедништво.
На фестивалот во рамки на програмата „АКТО Агора“ ќе се разговара за тоа во каков контекст не само локален туку и поширок, државен, ќе се развива културата кај нас. На дискусијата ќе учествуваат уметници од Македонија и регионот, како и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски, министерот за култура Асаф Адеми и градоначалничката Наташа Петовска.
Ова и уште многу други содржини, меѓу кои и АКТО воз, уметнички перформанси кои зборуваат за експлоатација на работници по фабриките, музички настапи ќе понуди АКТО фестивалот во Битола.