АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На десет дена пред почетокот на учената година битолските училишта должат над 6,5 милиони денари за неплатена струја. Од 18 училишта на девет со блокирана сметка електричната енергија им е исклучена од крајот на јули. Од Општина Битола велат дека долговите се наследени од претходната власт, дури десет училишта се со блокирани сметки повеќе од шест години, а струја во школите претходниците престанале да ја плаќаат во април 2017 година иако уште не била сменета локалната власт.
Сметките на училиштата се блокирани од извршни решенија по основ на разни долгови, а еден извршител наплатил 100 000 евра за вкупните извршувања во едно од училиштата, други извршители за други извршувања 200 000 евра.
Од Општината на денешниот брифинг со новинарите рекоа дека интензивно работат за изнаоѓање решение од ситуацијата. Парите не се проблем бидејќи и блок дотациите за годинава се зголемени, но се соочиле со законски ограничувања.
„Училиштата се со блокирани сметки, а имаат извршни решенија и тие не може да плаќаат, а не може ни Општината по пат на цесии да ги плаќа нивните доверители зашто тоа е незакионски, за да не се доведи некој доверител во повластена позиција во однос на друг. И тоа е кривично дело. Средното училиште ‘Таки Даскало’ успеа да ја плати струјата зашто настана вакум простор, осносно беше одблокирано на неколку часа. Се преземаат начини за решавање на проблемот во уште едно улилиште, доколу тоа успее ќе се обратиме до ЕВН да се преземи постапката и за другите училишта“, рекоа од Општина Битола.
За состојбата е известена Владата и министерствата, па формирана е и работна група предводена од премиерот за изнаоѓање на решение.
Најдрастични примери за долгови се Медицинско училиште со 35 милиони денари, „Крсте Петков Мисирков“ со 39 милиони денари, „Елпида Караманди“ 21 милион, „Гоце Делчев“ 19 милиони, „Климент Охридски“ 20 милиони денари и други. Вкупниот долг на училиштата е 4,6 милиони евра, а како што велат од Општина тековните трошоци не биле сервисирани редовно со години наназад за време на претходната власт, па долговите се напластиле.