АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Гимназијалецот Леонид Ташовски чекори по скалилото на новинарството и веќе има авторски текстови на дигиталната платформа Култура 24.мк. Леонид е ученик во втора година во битолската Гимназија и особено е насочен на културата и следењето на културните настани во градот.
Првото интервју што го направи Ташовски е со македонската музичка и актерска легенда Игор Џамбазов и горд е на изборот.
Ви пренсуваме дел од интервјуто на Ташовски со Џамбазов
ИГОР ЏАМБАЗОВ: „МЕНЕ МИ Е ПОВАЖНО ВИЕ МЛАДИТЕ ДА НАУЧИТЕ КОЈ БИЛ БЛАЖЕ КОНЕСКИ“
На 15 декември во Битола во организација на Сцена продукција свој концерт одржа легендата на македонскиот шоубизнис, актер, музичар, писател, шоумен и бескрајно шармантен Игор Џамбазов. Тој заедно со неговиот доживотен блуз-партнер Гуру Харе ги отсвирија нивните најпознати хитови на концертот насловен „Најдоброто од Игор Џамбазов“.
Култура24 ја имаше можноста да поразговара со Џамбазов за негувањето на македонската музика, филмот, театарот, наградите и културата воопшто. Следува искрено интервју во кое допревме до многу теми, а освен професионалното, зборувавме и за Емче и целиот разговор беше исполнет со многу анегдоти.
Вие и Вашите колеги годинава успешно распродадовте повеќе концертни сали и доминиравте на општинските манифестации. Дали конечно македонските изведувачи се на заслуженото место?
Игор Џамбазов: Па уште не се. Можам да се пофалам дека ние сме тие што пред година-две кренаа глас против овој напад на турбофолк манијата од северот. Дури и објавив на Инстаграм еден пост во кој им се заблагодарувам на сите тие угостителски објекти кои ги вреднуваат српските старлети пет пати повеќе од нас и едноставно тоа те тера да се осетиш навреден. Не може некоја старлета што има една и пол песна да вреди повеќе од Игор Џамбазов и Гуру Харе. Сите што така размислуваат ги кладов на тапет. Е сега можеби ги загубивме тие неколку места на кои нема повеќе да свириме, ама добивме други педесет каде што постојано не бараат: „Маестро, ела кај нас да свирите. Ние сакаме само македонска музика.“ Мора од некаде да се почне. Мислам дека јас бев тој што го започна сето тоа. Тоа е еволутивен момент, не револуција. Тоа не може да се направи за една ноќ. Мора едно по едно и мислам дека сме на добар пат. И инатот македонски многу значи. Ние воопшто не се замараме колку народ има и дали воопшто ќе заработиме. Едноставно сакаме да ја шириме таа македонска музика оти ние сме едни од ретките што 98% од репертоарот се наши песни. Вчера не отсвиривме ниедна туѓа. Борбата е тешка и уште трае. Јас се трудам да ги поднаучам овие помладиве. Мислам дека се премногу лицемерни. Ќе ми побараат текст да им напишам, ќе изгубам неколку дена за тоа кои се скапоцени за мојот живот. Ќе ѝ го направам текстот,таа е презадоволна, ми се заблагодарува на Инстаграм, а утредента објавува видео кај што пее песна од Шако Полумента. И ти си велиш за кого јас ова го правам. Тие се изгубени во свемирот. Значи, прво ќе направиш успех дома, а потоа ќе се потрудиш барем во соседството. Не можеш прво да станеш ѕвезда во Белград, па во Скопје. Тоа ни на Тоше не му успеа. Тешка е борбата, но дури сум жив ќе се борам.
Затоа и сте барани и ќе бидете барани. Затоа што има луѓе кои уште сакаат и слушаат македонска музика.
Игор Џамбазов: Епа ете виде и ти самиот вчера. Ние пеевме песни кои половина од публиката прв пат ги слуша. Но, бидејќи се оригинални македонски и со добри текстови, тие уживаа како да ги знаат на памет. Тоа е многу важно. Се виде таа љубов на Битола кон македонската музика. Да не го враќаме филмот кои сѐ од легендарните музичари се од Битола. Јас велам, во Македонија има два градови: Битола и Струмица. Градови со традиција, со фестивали, со корзо, со амбиент, со сѐ. Прилеп е на четириесет километри од тука, ама таму никогаш нема да поминиме како што поминавме тука. Така што овие младите сакаaт се преку ноќ. Сега кога го правевме концертот во Филхармонија една твоја колешка ме праша колку време го спремавме концертот. Јас и одговорив: „Триесет години, злато мое.“ Ние сме бенд што пробува. Сега кога ќе се вратиме во Скопје, ќе направиме две-три проби. Гарантирам дека освен „Нокаут“ и мојот бенд, други бендови не прават проби. Пробуваат пред концерт и толку. Дојдовме до професионализмот. Ако не си професионалец не можеш да успееш во оваа држава. Односно можеш, ама за една ноќ, како во Америка. За една ноќ-хит. Ќе те има три дена и толку. И обично така се случува. Ќе напишат една добра песна со добар спот и после на интервјуа велат како се многу уморни од популарноста, како не можат да постигнат, како тоа не се издржува, колку било тешко и напорно итн. Јас што да кажам си велам.
Затоа треба почесто да си доаѓате во Битола, таман ќе се навикнете и на аплаузот.
Игор Џамбазов: Еми сега, сам не се иди. Треба некој да те викни. Меѓутоа, Центарот за култура во Битола навистина е институција која знаела да направи изненадувања. Еве сега кога ќе изврти целиот круг, па во јануари ќе дојде „Нокаут“, Владо Јаневски, „Љубојна“. Зарем малку имаме квалитетна музика? Се надевам дека нема да доживеам Шако Полумента да пее во Домот на културата во Битола.
Интервјуто на следниот линк https://kultura24.mk/