АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Утре во Битола под мотото „Уметноста на традицијата“ ќе започне 54. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во организација на Центарот за култура-Битола.
Фестивалот ќе трае 13 дена, со учество на 1.200 игроорци од државата, САД, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија...
– Фестивалот „Илинденски денови“ е еден од најатрактивните и најголемите фестивали во нашата земја кој широко ги отвора вратите за светот и за домашните групи коишто го негуваат фолклорот и традицијата. Цела Битола ќе биде претворена во една голема сцена каде што групите ќе танцуваат во Старата битолска чаршија, преку Широк Сокак до платото на Офицерскиот дом и секое ќоше од Битола ќе биде исполнето со шаренило од традиционални облеки, прекрасни традиционални звуци, како и фолклор што навистина вреди да се погледне. Тенденцијата ни е Фестивалот да расти и да биде рамо до рамо со фестивалите на ЦИОФФ под УНЕСКО и му даваме шанса на младите уметници да се изразат, бидејќи токму традицијата е нешто што не отсликува. На наше задоволство „Илинденски денови“ се занимава и со научна дејност, тука е научно стручната конференција која годинава ќе донесе еминентни гости од Европа, како и концертите на КУД „Илинден“, „Танец“, промоција на монографија, ревија на дизајнерска женска облека инспирирана од народната носија и голем број настани што ќе бидат дел од годинашното издание. Новина е и фестивалскиот караван што ќе биде во општините Новаци, Могила и Демир Хисар-најави на денешната прес-конференција – директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска-Илијевски.
Валентин Соклевски програмски селектор на Фестивалот рече дека „Илинденски денови“ е фестивал над фестивалите, чувар на традицијата и народната култура.
-Целта е фестивалот да му биде инспирација на илјадници дечиња коишто ќе играат, пеат, творат музика и ќе се посветат на традиционалните корени и ќе цутат во иднината со својата младост и творештво. Морам да ја изразам мојата почит кон директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски за сето она што последните години му го подари на Фестивалот, направи врски што се нераскинливи во оваа уметничка област – рече Соклевски.
Мојата желба како селектор е да останам верен на традицијата на „Илинденски денови“, на прикажување на изворното, на тоа што во моментот исчезнува насекаде во светот, бидејќи сме сведоци на една глобализација, што не ги поштедува ниту најоддалечените краеви на нашата планета, рече Тони Гламчевски селектор на третото издание на Интернационалниот филмски фестивал на етнографски филмови.
-Идејата ни е да се долови тој филмографски квалитет. Годинава се појавија филмови во кои се раскажува, како се пренесува традицијата на изработка на инструменти, или на свирење на инструменти од Мароко преку Иран и опфатени се повеќе земји, бидејќи годинава добивме огромен број на филмови од Иран и од Индија – рече Гламчевски.