АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Папал дизајн“ слави 33 години успешна работа. Сопственикот Велчо Петровски - Папал фирмата за аранжирање на излози и светлечки реклами ја основал на 19 октомври пред триесет и три години. Фирмата на Папало како што го препознаваат битолчани во изминатиот период изработила над 70 проценти од светлечките реклами во градот. „Папал дизајн“ со креативност, исполнителност и препознатливост, со многу вложен труд и истрајност успеа да се наметне како почитувана фирма во градот и Пелагонискиот регион и препознатливо име за Битола.
Фирмата „Папал дизајн“ е сместена во улицата „Кај ѕвончарите“, а седиштето е собиралиште на многу битолчани, не само муштерии туку градски луѓе кои сакаат да разменат збор два со духовитиот и секогаш подготвен за песна Велчо Петровски - Папал.
„Започнав како аранжер од Нова трговија и Јавор. Трансформацијата во 1991 година ме натера да продолжам со аранжирање ама преку приватен бизнис. По струка сум аранжер кој ги уредуваше стоковите куќи и други дуќани низ Битола. Ја формирав фирмата и многу вложивме во овие 33 години. Со мојот тим го правиме најдоброто за нашите клиенти, а вложениот труд секогаш ја добива заслужената почит“, вели Папало.