Денес во Битола на француските гробишта се одржа комеморација во знак на одбележување 106 години од завршувањето на Првата светска војна. На комеморативната церемонија присуствуваа амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер и амбасадорката на СР Германија, Н.Е. Петра Дрекслер и градоначалникот на Битола, градот жртва во Првата светска војна, др. Тони Коњановски, бројни гости од државата и
наши ученици под менторство на професорот по Историја, Иљо Трајковски. Во знак на помирување на некогашните завојувани страни, двата амбасадори се обратија кон присутните со јазикот на другиот. На тој начин го покажаа ставот дека иднината на Европа се гради со надминување на историските фрустрации преку широката отвореност на едни кон други со пријателски подадена рака. Во таа смисла, денес беа отсвирени химните на Република Франција, СР Германија и РС Македонија во присуство на хетерогена публика која ја испрати уште еднаш пораката дека Европа е нашиот заеднички дом.
Амбасадорот на француската дипломатија Кристоф Ле Риголер денес ја посети и нашата Гимназија, по вторпат во последниве триесетина дена. Неговото доаѓање е во знак на широката поддршка што Република Франција ја пружа во развојот на билингвалното образование на нашите ученици кои добиваат шанса да се школуваат на престижните француски универзитети. Ја искористивме можноста да го поканиме во нашето радио и да снимиме поткаст со господин Риголер како и да му ја врачиме поканата за присуство на свечената академија при прославата на 80-годшниот јубилеј – настава на македонски современ јазик во нашето училиште и во нашата држава која ќе се одржи на 6.2.2025 г. во Центар за култура-Битола.