2win800x200

Пред конгресот Филипче постави привремени раководства на СДСМ во повеќе градови

Ноември 15, 2024
Филипче во Битола со членството Филипче во Битола со членството

БИТОЛА – Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кус период пред конгресот на СДСМ, најавен за 24 ноември, поставил нови претседатели на неколку општински организации во државата, кои се сметаат за највлијателни како: Битола, Охрид, Прилеп, Скопје…објави https://nezavisen.mk/

Последно во Битола, Филипче за вршител на должност го постави бившиот новинар Методија Куновски.  Тој до 2016-17 работеше во локалната телевизија „Орбис“, медиум кој во тоа време беше од најголема локална поддршка на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, со смената на власта Куновски се вработи во РЕК „Битола“ како дел од пиар службата на АД ЕСМ и беше вклучен во пиарот на ОО на СДСМ Битола.

 Изборот на Куновски за прв човек на СДСМ Битола беше изненадување за јавноста особено за старото членство на партијата во Битола кои велат „по тешкиот пораз на последните избори очекувавме проверен партиски кадар за лидер“. Куновски веќе е во јавност и ја претставува партијата, се појавува на настани, а минатата  недела беше и на седница на Советот на Општина Битола, на координативен состанок со советниците.

Куновски како претседател

Куновски како веде претседател на ОО на СДСМ Битола 

Партиски членови со кои разговаравме велат дека претседателот Венко Филипче иако лично ветил во Битола дека раководителите на општинските организации, кандидатот за градоначалник и кандидатите за пратеници ќе остави да ги  бираат самите членови на локалните организации, сепак месец- два пред Конгресот поставил свои решенија во неколку градови. Членови на партијата од Битола се прашуваат – зошто Филипче не почекал уште малку до Конгресот за да се смени статутот и да го исполни ветеното?

Зоран Стојчевски, истакнат партиски член, поранешен советник на СДСМ во општинскиот Совет вели дека измените во статутот се клучни за демократизација на партијата и напредокот на СДСМ.

„Нѐ очекуваат два во еден конгрес, прекинатиот да се продолжи и да се одржи новиот конгрес за избор на нов ЦО и сите органи на партијата. Ветено ни е лично од Филипче кога беше во Битола дека ќе има измени на член од статутот во кој самите ние, членовите на СДСМ ќе бираме локално раководство. Но, прашањето е дали некој делегат ќе се охрабри и ќе го постави ова прашање на конгресот или пак самиот Филипче ќе го покрене прашањето и ќе го смени статутот. Ако ова прашање не се дискутира на конгресот и не се реши, тоа значи дека не само општински раководства, туку централата ќе кажува кои ќе бидат кандидати за градоначалник по градовите, кои пратеници, што се покажа дека не е добро решение“, изјави Стојчевски. 

Последниот статут на партијата е сменет на конгресот на кој беше избран Зоран Заев. Според друг наш соговорник од СДСМ Битола ова значи дека „во услови кога нема промена на статутот претседателот Филипче веќе дава ‘насоки’ и поставува нови в.д. решенија во клучни ОО на СДСМ во државата, вклучително и Битола. Ова за нас е порака дека како одлучил претседателот Филипче така ќе остане и доколку го смени статутот“, вели  висок партиски функционер на СДСМ.

Се очекува на првиот централен одбор на партијата по конгресот, централното раководство да распише конкурс за избори на претседатели во ОО на СДСМ по градовите.

„Секој има право за конкурира како и новите решенија на Филипче, да добијат мандат од 4 години“, велат нашите соговорници и порачуваат дека  „најдобро е за партијата да се смени статутот и членството да гласа, да си избере претседател оти локалните избори следната година се клучни  за СДСМ дали ќе крене глава или ќе падне во уште подлабока опозиција“. (А.Б.)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани