
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и советниците од Советот на Општина Битола, Анастасија Трајковска, Елена Кромидаровска и Иван Чулакоски беа во посета на општината Чајетина, Република Србија, со цел да собираат искуство околу функционирањето на гондолата на Златибор.
АПЛА.мк го запраша градоначалникот каков е впечатокот и какви се плановите на општина Битола за изградба на гондола со оглед на тоа што се работи за голем и скап проект. Досега се издвоени средства од буџетот за изработка на физибилити студија и техничка документација (4 милиони денари), но прашање е дали општината Битола може да си дозволи самофинасирање на ваков проект без поддршка од државата? Што би значело во средства издвоени од буџетот на општината на годишно ниво, со оглед на тоа што и во Чајетина гондолата се градела над 10 години?
фото Бојан Бојкоски
Градоначалникот Тони Коњановски во разговор за АПЛА.мк вели:
- Се работи за проект кој од почеток до реализација е со времетраење од 10 години.
Проектот кој е изведен е навистина светски. Целта на посетата беше сите да се запознаеме кои се потребните чекори за отпочнување на еден ваков проект. Точно е дека имаме обезбедено средства за физибилити студија и од посетата на сите ни стана јасно дека ваков тип на физибилити студија може да направи само специјализирана компанија со експерти кои имаат учествувано во изградба на ваков тип на гондола. Не е целта само да се направи од некоја компанија студија која нема потоа да бидиме применлива на терен.
Мислам дека и на советникот Чулакоски сега му стана појасно дека овој процес е долг и потребно e трпение. Потребно е сите заедно да работиме и да имаме меѓусебна доверба, а не како во минатото кога ме обвинуваа дека намерно не се објавувала студијата.
Токму со оваа посета сите се уверивме дека ќе беше голема грешка доколку имавме изработена студија без вклучувањe на соодветни екперти кои работеле на изградба на гондола. Разменивме контакти и следуваат следни чекори кои сите заедно ќе треба да ги изодиме за изработкa на оваа студија за кои јавноста ќе биде соодветно информирана.
За финансирање на еден ваков проект за кој се уште не ја знаеме вредноста, а сигурно ќе биде повеќе милионска секако дека ќе биде потребна поддршка од централната власт, бидејќи изградбата на ваков тип на гондола би бил проект од државен интерес за развој не само на Битола, туку и на цел Пелагониски регион.
фото Бојан Бојкоски
Возењето беше пријатно и безбедно, но за жал имаше многу магла па немавме можност во целост да ги видиме убавините. За тоа дали може да се направи изведба на ваков тип на проект ќе треба да го кажат експертите и студијата. Кога ќе ја имаме студијата, сигурно ќе се дефинира и начинот на финансирање, изјави градоначалникот Коњановски за АПЛА.мк.
текст Анета Блажевска