
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола доби своја нова културна иницијатива – UTOPIA BOOK CLUB, првиот книжевен клуб во градот, кој ќе се собира еднаш месечно за да ја слави литературата преку дискусии, анализи и споделување на идеи. Првата средба се одржа во UTOPIA Private Business Club кој е и основач на клубот, каде книжевните ентузијасти имаа можност да се запознаат со концептот и да ги разменат своите први импресии. Со клубот ќе раководи Јасмина Атанасова, писателка и љубител на литературата, а целта е да се создаде простор каде книгите не само што се читаат, туку и се доживуваат преку колективна дискусија.
„Литературата не е само индивидуално искуство – таа е мост што нè поврзува со други перспективи, култури и мислења. Книжевните клубови низ светот се пример за тоа како читањето станува интерактивен процес, а не само чин на тишина. Сакавме Битола да добие ваков простор, каде љубителите на книгите ќе можат да се сретнат, разговараат и создаваат заедница што расте со секоја прочитана страница,“ изјави Јасмина Атанасова.
Првата книга што клубот ја избра за читање е „Црквичето“ од Владимир Костов, а членовите ќе се сретнат повторно за да ја дискутираат и да споделат свои впечатоци. Клубот ќе се состанува еднаш месечно. Селекцијата на книги за старт ја поддржа BookHouse од Битола, која активно ќе соработува со клубот за да овозможи квалитетен избор на литературни дела. Но, клубот е целосно отворен за сите издавачи и книжарници. Со оваа иницијатива, Битола станува дел од светскиот тренд на книжевни клубови, потврдувајќи дека љубовта кон книгите може да биде не само интимна, туку и колективна, динамична и инспиративна.
Клубот е отворен за сите љубители на пишаниот збор.