
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолските гимназијалци се покажаа желни и жедни да рецитираат стихови од Кочо Рацин, Блаже Коневски, Радован Павловски, Анте Поповски... па и Шекспир, во една драмска форма, на чист македонски јазик и да ја испратат пораката дека идентитетот на македонскиот народ е македонскиот јазик.
Бура од емоции, аплаузи и длабок наклон предизвика синоќешната театарско - музичка изведба на претставата „Експериментум Македоникум“ на ученици од Горната гимназијата во Битола, одиграна на свечената академија по повод големиот јубилеј 80 години настава на современ македонски јазик. Надарени за глума, за пеење, за свирење, облечени во една симболична македонска народна носија, што зрачи со белина и чистота и од морален аспект, учениците покажаа на непресушната потреба од зачувување и негување на македонскиот јазик, на богатството на македонската литература, на предизвиците да се зачува македонскиот јазик и идентитет. Претставата се реализираше по менторство на професорките по македонски јазик Даниела Петровска и Симона Петровска, во режија на ученичката Веда Мавровска, помогната од режисерот Софија Ристевска -Петрушевска.
„Ви благодарам што ми ги подаривте овие прометејски деца, кои што денес сонцето го носеа на дланка. Благодарам до сите мајки, мајката во овој миг во еден контекст на жена, на сестра, на татковина, ја издигнавме до ѕвездите“, рече професорката Даниела Петровска.
Професорката Симона Петровска повика суштински, не само површно новите генерации да ја негуваат љубов кон македонскиот јазик.
„Како дел од овој голем и значаен проект јас сум пред се горда на моите ученици, но и должна да го исполнам аманетот на големите умови и храбрите луѓе кои своевремено ја осознале потребата од говор на свој, современ македонски литературен јазик. Тоа меѓудругото го носи и товарот на секој од нас постојано и безусловно да го чуваме и негуваме јазикот со што на учениците им создаваме тло да ги научат и вреднуваат духовните благодати, а не материјалните нешта“, рече професорката Симона Петровска.
Шести февруари е симбол на непокорот, на борбата на еден народ за зачувување на правото на јазичен израз, рече во своето обраќање директорката на битолската Гимназија, Лидија Споа.
„Македонскиот јазик кој до тој момент беше принуден да тлее под сенките, на 6 февруари 1945 доби своја светлина. Јазикот е живо ткиво на колективната душа, простор каде што се слеваат сите нишки на културата, историјата, филозофијата на животот. Во текот на 80 години Гимназијата израсна во матрица на генерации кои со својот печат ја дефинира нејзината суштина како место на креативна и академска зрелост. Гимназијата останува столб на заедницата, место каде се гради иднината, се почитува минатото и се остава простор за нови идеи и перспективи“, нагласи Споа во обраќањето.
На свечената академија присуствуваше претседателката на државата Гордана Силјановска- Давкова, потенцирајќи дека првиот час на современ македонски јазик во училниците на битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, одекна како глас што се распламти, како светлина што го осветли патот на идните генерации. „Македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неразделен квартет, а гимназија е столб на знаењето, чувар и засолниште на јазикот, жигосуван, но никогаш непокорен“, рече Силјановска Давкова.
„Тогаш во времињата на надеж, но и на неизвесност, кога се уште се слушаше ехото на војната и нејзината сенка беше надвисната над татковината, оваа гимназија ја прифати својата историска мисија да биде светилник на македонскиот јазик, на македонската култура, на македонскиот национален идентитет. Така, по многу сцили и харибди, македонскиот јазик конечно и трајно во битолската гимназија доби своја куќа, свој дом, свој покрив“, истакна Силјановска Давкова.
Градоначалникот Тони Коњановски, како поранешен ученик на Гимназијата рече дека -„Знаењето за нашата богата историја е она што ги гради нашите човечки вредности и не поучува, обврзува и насочува кон нашиот придонес како академски граѓани и градители на татковината. Битола е град кој во себе сочувал големо културно и историски наследство, а гимназиката „Јосип Броз Тито“, мојата Гимназија, е меѓу најважните институции во Битола.“
На свеченоста присуствуваа и двајцата академици на МАНУ, ученици на битолската Гимназија, Живко Попов и Владо Камбовски, на кои им беа доделени плакети.
„Денес 80 години после овој значаен настан во Гимназијата претставува една од најзначајните средношколски институции од посебен општествен интерес во нашата држава која со децении наназад со својата квалитетна настава, едукација и воспитување создава млади кадри генерации на ученици кои се подготвени да се справат со современите предизвици од сите области на општественото живеење“, рече претседателот на МАНУ академик Попов.
Академик Владо Камбовски накрај на младите им порача дека –„Тоа што е напишано со перо ни со топ не може да биде растурено“.
„Пред 80 години македонскиот јазик грмна, прозборе македонскиот народ, неговиот глас стигна на сите страни на светот. Тоа беше брз подем на една силна национална енергија преточена во желба за знаење и освојување на своето место под сонцето на слободата“, рече академик Камбовски.
Анета Блажевска