
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска на седница на Советот на Општина Битола на која ќе се гласа за ребалансот на буџетот, во првото обраќање до советниците и јавноста на претседателката на Советот Габриела Илиевска и додели пехар за како што рече „шампион во кочење на ЕУ проекти“.
„Ако за некој камењата се камен на сопнување, за мене камењата се градежен материјал. Со камења е изградена Вие Игнација, со камења се градат мостови кои треба да не спојуваат. Мислам дека велосипедската патека, отколку пронајдениот камен е многу позначајна од се' друго. Граѓаните безбедно се движат по велопатеките, онолку колку што се, а сме ги немале. Продолжуваме со истото темпо. За разлика од вас кои делите камења, јас ќе ви поделам нешто друго“, рече Коњановски на говорницата, па го зеде пехарот од советничката клупа и го остави пред Илиевска.
„Пехарот и се доделува за исклучителен придонес на Габриела Илиевска, шампион за кочење на ЕУ проекти во периодот 2021-2025 година. Четири години нула проекти, резултат неприкосновен. Почитувана претседателка ова е за вас, после долго размислување мислам дека го заслужувате овој пехар“, рече Коњановски и и го врачи шампионскиот пехар на претседателката.
Илиевска во овој момент се поднасмевна, не подаде рака да го прими пехарот (како што направи претходно кога го зеде цвеќето од Коњановски), па пехарот остана пред неа. Но кога Илиевска излезе на говорница се обиде Коњановски да го спореди со екс градоначалникот Владимир Талески.
„Коњановски, мора да признам дека поголем глумец од Двојче сте“, рече Илиевска велејќи во иронија „фали ви на честа“.
А.Блажевска