2win800x200

Честит празник Македонци - 34 години Македонија го одбележува Денот на независноста

Септември 08, 2025

 

На 8 Септември, Македонија го одбележува Денот на независноста. Овој државен празник ја симболизира борбата, стремежот и конечното остварување на сувереноста и самостојноста на македонскиот народ. Под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември. Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, на која ќе се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Историски контекст и настани што му претходеа на референдумот

Во екот на распадот на поранешната СФР Југославија, на 8 септември 1991 година, македонските граѓани се изјаснија за независност преку референдум. Тоа беше период на голема политичка неизвесност и воена нестабилност во регионот.

Уште претходната година, Словенија го отвори патот кон самостојност, а по нејзиното прогласување независност на 24 јуни 1991 година, следуваа оружени конфликти со ЈНА кои траеја околу месец дена. Сличен чекор презеде и Хрватска, што резултираше со ескалација на насилство, особено во Сплит, каде за жал загина и македонскиот војник Сашо Гешковски.

 

Овие настани го забрзаа процесот на дезинтеграција на Југославија, а ситуацијата се заостри и во Босна и Херцеговина, каде беа формирани т.н. српски автономни области. Како одговор, Европската заедница на 27 август 1991 ја донесе Декларацијата за Југославија и иницираше мировна конференција во Хаг, со надеж дека ќе се спречи целосна граѓанска војна.

Во таков контекст, на 25 јануари 1991 година, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за независност, со што започна процесот што кулминираше со референдумот во септември истата година.

Референдумот – глас за самостојна Македонија

Референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година беше историски момент за македонската државност. Повеќе од 95% од граѓаните кои излегоа на гласање позитивно одговорија на прашањето:
„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

Според официјалните податоци, од вкупно 1.495.626 регистрирани гласачи, излегле 1.132.981, а дури 1.079.308 се изјасниле „за“. Спроведувањето на референдумот помина без приговори или жалби за неправилности, што дополнително ја зацврсти неговата легитимност.

Историски момент: Првата прослава на Плоштадот Македонија

По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде Македонското радио организираше свеченост под мотото „Глас за Македонија“. Настапија бројни музички ѕвезди, а пред насобраните граѓани се читаа првичните резултати од гласањето.

Во таа историска ноќ, се обрати и Киро Глигоров, кој подоцна ќе стане првиот претседател на Република Македонија, изјавувајќи:
„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

Слични прослави се одржаа низ целата држава.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани