АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Овие сончеви денови расте бројот посетители на пешачката зона што ги повзрува туристичките места Претор со Сливница и Крани. Местото слободно може да се нарече Преспанско корзо. Само викендов таму имаше околу петстотини гости од Битола, Прилеп, Ресен и други градови и околни села. Дел рекреираа трчајќи, везејќи велосипеди и ролери, а други пешачеа. Целата патека е долга околу пет километри во еден правец и е рамна без угорнини и удолнини, па е прикладна за пешачење и на деца и на постари лица.
Гледката е волшебна зашто од едната страна е Преспанското Езеро, а од другата страна Баба Планина на врвовите со снег. Ова место е и воздушна бања посебно во овој период кога овоштарите не почнале со прескање на јаболкниците. До пред три години меѓу овие дестинации можеше да се патува само во возило. Потоа патеката беше ставена во употреба, па бројот на шетачи постепено се повеќе и повеќе се зголемува.
Дел од патеката, поплочена со бекатон коцки, е наменета за пешаци, а асфалтираниот дел за велосипедисти. Поставени се клупи за оние кои сакаат да одморат и да уживаат во погледот кон Преспанското Езеро. Всушност, самата патека е оддалечена на околу 200 метри од езерото. Поставени се и современи поцинкувани канделабри по должина на патеката, но во вечерните часови нема осветлување.
Дел од посетителите велат дека во иднина ќе треба околу да се засадат дрвја за да прават сенка. Така туристите ќе можат да шетаат и преку ден на лето кога е топло.
Она што сите ги привлекува е убавината на Преспа, свежата клима, прекрасните зајдисонца, чистиот воздух. Ваквата убавина само во последните две години привлече над 15 бизнисмени, поранешни директори и познати македонски професори од Скопје да купат вили во Претор и таму да уживаат преку летото или да ги минат пензионерските денови. Со пешачката патека, скокна цената на плацевите што се продаваат во нејзина близина, а во изминатите години тешко се наоѓаа купувачи.