АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со „Марш на животот“ по Широк Сокак во Битола, денеска се одбележаа 76 години од депортацијата на 3350 битолски Евреи во логорите на смртта во Треблинка. На манифестацијата учествуваа високи гости од државата и странство, а се приклучија и голем број граѓани од Битола
-Прекрасно е чувството што сме денес во Битола, бидејќи ќе се потсетиме на минатото. Тука денеска дојдоа стотици Израелци, млади и стари, лица со посебни потреби, со кои заедно ќе маршираме, рече амбасадорот на Израел, Дан Ориан.
Во својот говор израелскиот министер за Ерусалим Зеф Елкин истакна дека е радосен што битолчани го чуваат споменот за Евреите
-Битола долги години беше топол дом на многу Евреи. Но, најладниот и најстрашниот ден во нивниот живот беше на 11 март 1943 година. На тој ден небото беше црно и ја навестуваше темнината…Голема беше неизвесноста на Евреите од Битола и од Македонија. Тешка беше судбината на Евреите во цела Европа, но за жал најтешкото се случи токму тука во Македонија, потсети министерот Елкин.
Во маршот од еврејското маало по Широк Сокак до Железничката станица во Битола учествуваше и македонскиот министер задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.
-Самиот факт што секоја година се потсетуваме на тешките денови и моменти од пред 76 години, испраќа една симблична порака тоа зло никогаш да не се повтори, рече министерот Адеми.
Домаќин на неколку дневните манифестации во Битола посветени на 76 годишнината од депортацијата на битолските Евреите е локалната самоуправа.
-Се сеќаваме на историскиот настан за да не се повтори, а нашите емоции за тој период обврзуваат да се мотивираме и да направиме нешто повеќе заедно со нашите пријатели од Израел, рече градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Во спомен на депортираните Евреи, вечерва на плоштадот „Магнолија“, младите од Израел, Македонија и Германија ќе изведат перформанс кој го насловија „Патоказа кон помирувањето“
.