АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Голема чест за еден играорец е да биде војвода во Комитското оро“, вели за Апла.мк Александар Стефановски, уметнички раководител на КУД „Илинден“ кој во изминатиот период околу 15 години го играл војводата во ова изборно македонско оро со кое традиционално се отвора Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
КУД „Илинден“ од Битола е исконски поврзан со фестивалот „Илинденски денови“, не само поради името и патронот, големиот празник Илинден, туку и како најстар фолклорен ансамбл во Битола, основан во 1955 година во славното Јени Маале, а од самите почетоци на „Илинденски денови“ во 1971 година го отвора фестивалот со култното „Комитско“. Кореографската постановка е на етнологот- етнокореолог Емануел Мане Чуков.
Дел од славни ороводци, кои како војводи го предводеле „Комитското“ на сцената на „Илинденски денови“ се Круме Иванов, Симе Ѓоргиевски, Пеце Кочевски, Валентин Соклевски, Никола Трајковски, Александар Стефановски, Марјан Христовски, а последните две години Николче Ангелковски. Тој и вчера беше војводата на отворањето на фестивалот во Битола.
(Комитско Оро од вчерашното отворање на „Илинденски денови“, војвода е Николче Ангелковски, фото Диоген Хаџи-Коста Милевски)
„За да се игра Комитското се вежба со години. Играоците почнуваат да го вежбаат од дванаесетина години за кога ќе наполнат околу 15 до 16 години да можат да го играат како останатите повозрасни играоци. Се смета дека за да се биде дел од ова оро треба да се стекне машкост, да се има став, стил, да се искаже емоција, да се соживееш со улогата, тоа е еден вид театар, па затоа потребно е момчињата да бидат повозрасни“, вели Стефановски.
Преку ова оро е раскажана судбината на многу македонски комити и војводи кои загинаа на бојното поле во борба за ослободување на Македонија. Така, на почетокот од орото прикажан е војводата како излегува на бојното поле, гледа дали има непријатели. И другите комити се поготвуваат за борба. Во овој дел девојки облечени во оригинална смилевска носија, стара над сто години, која плени со својата раскошност и изработка, ги даруваат комитите пред да заминат во борба. Потоа сите борци загинуваат во битка, а војводата на крај се саможртвува, си го одзема самиот живот.
Во орото стандарден е бројот на машки играоци и изнесува девет, а на девојките варира.
Етнокореологот Владимир Јаневки, професор на Факултетот за музичка уметност во Штип, во објавениот труд за „Комитското оро“ пишува дека на почетокорт на 20 век изведбата од страна на машката популација била во скриена форма пред тогашните власти зашто за негово играње се одело и до 5 години в затвор. Периодот од крајот на 19 и почеток на 20 век биле моменти на се позасилена појава на создавање на комитски чети. Ваквите појави дале можност и слика на идеализирање на големи силни личности кои оставиле белег кај обичните граѓани. Таа слика се рефлектирала и во создавањето на културните појави, па некои етнографски појави добиле нов локален израз, а за тоа главен мотив биле комитските чети. Годините кога се појави Комитското орто се години на будење на националното чувство.
(Фото Диоген Хаџи-Коста Милевски)