АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Јавното претпријатие „Комуналец“ по налог на Комуналната инспекција ги отстрани жолтите кеси за отпадоци што низ Битола ги имаше поставено граѓанската иницијатива „Поинаку“. Директорот Панде Богоевски на денешната прес конференција рече дека тие како јавно претпријатие ја известиле инспекцијата за како што посочи диво поставени несоодветни опреми за подигање отпад од најлонски кеси. Во известувањето пишува дека жолти пластични вреќи на метален обрач се обесени и на елекстрични столбови и улични светилки, дека ги острануваат несоодветни лица и се депонираат на непознати локации.
По ова Комуналната инспекција на први август направи инспекциски надзор од страна на советникот комунален инспектор Сашо Илијовски и констатира дека има прекршувања на член 14 став 1 алинеа 16 од Законот за јавна чистота, како и тоа дека дејствијата се спротивни на на Одлуката за одржување на јавна чистота на јавните површини во Битола, член 14 и 24 од истата одлука. По ова му наложи на ЈП „Комуналец“ во рок од седм дена да ги острани кесите и држачите.
„Со ова се нарушува амбиенталноста на просторот. На примев, во централното подрачје има уредена површина со урбана опрема што соодветствува на канделабрите, со корпата за отпадоци, а потоа е поставена жолта кеса на пет-шест метри од нашите корпи. На фотографиите јасно се гледа дека тие кеси на одредени места беа поставени во непосредна близина на нашите корпи за отпадоци, буквално на оддалеченост од еден метар, па Вие размислете од која природа е мотивот за нивно поставување. На една од фотографиите се гледа дека тие кеси завршуваат на дива депонија, во случајот на местото викано Тепсија. Ова е пример за упад во организиран, интегриран систем за управување со отпад“, рече Богоевски.
Тој уште најави дека во тек е јавна набавка на урбана опрема, по што ќе се изврши замена на постоечките корпи со нови и дека во првото полугодие од годинава „Комуналец“ поставил нови 70 корпи.
Од „Поинаку“ најавија дека ќе испратат нивна реакција за остранувањето на кесите во текот на денот. Тие на социјалните мрежи деновиве реагираа што жолтите кеси со нивното лого и држачите се отстранети, па најавија дека ќе продолжат да ги поставуваа и менуваат.