АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На иницијатива на Мишко Димовски од село Лавци, домаќин на манастирот „Свети Атанас“ денес се средија двата приодни земјени патишта до Смолево. В петок кога се празнува овој христијански празник, до манастирот ќе се стигнува со возило по среден истапкан пат. Димовски, кој е и член на Црковниот одбор, побарал од Јавното претпријатие „Нискоградба“ машина за да се порамни, прошири и натапка патот, и денес цел ден работеше заедно со механизацијата на средување на приодите. Така, манастирот в петок ќе може да биде што подостапен за верниците.
„Сум видел добро од Бога и си реков кога ќе одам во пензија сакам да помагам во цркви и манастири. Претходно четири години бев домаќин на манастирот во Лавци, а веќе четири и пол години сум домаќин на манастриот во Смолево или вкупно девет и пол години. Откако почнав да го одржувам манастирот во Смолево, направивме конаци и средивме многу работи“, вели Димовски.
По повод верскиот празник, в четврток во „Св. Атанас“ во Смолево од 16,30 часот и следниот ден, в петок од 8 часот ќе има богослужба. Сите битолчани кои слават именден или куќна слава можат и во ова манастирче што се издига над Битола да кренат лепче.
Ж.З.