АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За разлика од многу семејства кои со годините ги забораваат роднините, Шишпинкаровци се собраа да ги зајакнат семејните врски.
Родното огниште во мариовско Будимирци го напуштивме пред повеќе од половина век. Едни се населија во Битола, други во Струга. Се изродија, деца, внуци, паравнуци. Но, го исполнивме аманетот на татко ми, да не си ги заборавиме корените и семејството. Вака раскажуваше писателот Петко Шипинковски кога пред некоја година го сретнавме на семеен собир во дворот на Крстоарскиот манастир во Битолско. По потекло беше Будимирци, а најголемиот дел од животот го мина во Струга. Почина вчера на 73 -годишна возраст, по кратко боледување, оставајќи зад себе богат книжевен опус, а за своето дело беше добитник е на голем број награди и признанија во земјата и странство. Погребот беше денес на гробиштата во Струга.
Во негов спомен го објавуваме и текстот за семејната средба од 2014 година кога беше здрав и среќен што успеал да го собере цело семејство. Шипинкаровски беше еден од иницијаторите сите челнови на семејната лоза, дури 54 на број, да се соберат на заедничка весела дружба во дворот на Крстоарскиот манастир во Битолско. Целта беше да се одржи семејната лоза сплотена, да се зајакнат семејните врски, а помладите потомци да се запознаат меѓу себе и да се дружат. На средбата ечеше македонска песна, се зави и оро на кое се фатија од најстаро до најмладо.
-И други семејства треба да ја следата нашата традиција. Да не си ги заборават корените и да си ги одржат семејните врски. Во денешно време со раселувањето, менување на локациите за живеење, доаѓа време децата наши да не се знаат. Сакаме таа семејна врска да остане трајна- рече Шипинкаровски..
Семејната приказна на ова семејство започнала во триесетите години од минатиот век во Мариовско. Го основал Ристо од Градешница кој останал сирак, па со стројници бил оженет како домазет за Неда од Будимирци. Со неа изродиле шест деца. Иако сиромашен бил многу вреден и мудар. Со сопствена пот изградил куќа, ги пораснал децата, а иако немал ни ден школо, сите ги пратил на училиште. Некои станале учители, други правници.
-Мојот татко остави аманет. Рече „чеда мои да си ја сакате земјата своја и семејството.“ Се сеќавам што одговараше татко ми кога ќе му речеа „што имаш бре ти“, велеше „јас сум најбогатиот човек имам шест куќи од децата, во секоја да престојувам по еден месец се бере половина година. Да одам два пати ќе помине цела година.“ Богатството сакам да речам се децата што во ова кризно време и недостасува и на државата- раскажуваше Петко Шипинкаровски.
Следејќи го аманетот ни едно лице од семејната лоза на Ристо и Неда Шипинковски, не се иселило надвор од Макеонија. Од нивната ќерка Јана родена 1934 и правнуката Јана во 2012 се изродиле дури 54 члена. Меѓу нив има професори, правници, гинеколози, адвокати, економисти, приватни работодачи. Од ова семејство потекнува и Виолета Маневска, професор и поранешен декан на Биотехнилкиот факултет во Битола.
-Во романот „Црна љубов“ што го напишав главата мисла е содржана во зборовите кога таткото го испраќа синот од селото, му вели “чесноста, поштеноста не се купуваат на пазариште, како и љубовта кон земјата своја, тие се создаваат.“ Тоа се вредностите кои се пренесуваат во нашето семејство од колено на колено, љубовта , искреноста и чесноста - додава Шипинкаровски.
Селото од каде потекнуваат ја доживеа тажната судбина на повеќе насеби од Мариово. Некогаш броеше 700 жители, а денес пет-шест стари лица. Училиштето во кое учеле некогаш Шипинкаровци во Старавина заедно со други 560 ученици, од пред 30 години е затворено и денес е руинирано. Селото, како што велат некогашните жители еден ден ќе исчезна од географската карта, но ќе останат семејните лози кои од таму се сплеле низ цела Македонија.
Ж.Здравковска