АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Магијата на песните кои ги напишал, зачинети со битолското пулсирање, певливите рефрени, убавата едноставност, чувствата, умешноста на раскажување преку стих, никого не остануваат равнодушен. Од триста напишани и објавени песни, во педесетина се спомнува Битола или се инспирирани од неа, па придонесол градот и понатаму да стои високо на листата на најопеани градови.
Кога започнавте да творите?
-Хронолошки гледано започнав да пишувам за време на моето основно образование. Нормално, како секое дете во тој период пишував стихотворби кои не наидоа на подршка од уредувачите на училишниот весник и едноставно тоа остануваше во моите тетратки. За време на средното образование веќе започнав да комбинирам текстови со музика, но кога во една прилика им ги отпеав на дел од тогашните битолски музичари ми беше кажано дека тешко е да се сними песна или лонг плеј плоча.
Дали тоа Ве обезнадежи?
-По отслужувањето на воениот рок продолжив поинтензивно да пишувам, па дури во еден период оформивме и една група од заинтересирани музичари и интерпретатори, но за жал не беше успешно. Првите текстови и песни ги објавив на носач на звук во соработка со Стојан Трајковски и Тоде Мицевски, односно со членовите на групата „Пелагониски бисери“ на нивната лонг плеј плоча издадена во 1987 година. Потоа следеа песни на фестивалите во Валандово, на Макфест во Штип, на Сидо во Битола, па соработка со издавачката куќа „Везилка“ и процесот си зеде креативен тек кој што трае и денес, а се надевам ќе продолжи и во иднина. Во текот на сите тие години моја основна инспирација била и е човекот, неговите емоции, душевниот трепет испеан во еден стил близок на народната традиција, култура и фолклор.
Некои стихови ги запишал на салфети кај „Бомбата“ или на улица
Од главен играорец во „Илинден“ станавте еден од најплодните македонски текстописци, кога ги пишувате песните, кога доаѓа инспирацијата ноќе, наутро, преку ден, сте запишувале ли песни на салфети, на хартија за да не се заборават?
Песната се пишува за момент, ден, година. Зависи од многу работи инспирацијата, расположението, емоционалната состојба. Јас често пишувам на веќе компонирана музика, тогаш се чувствувам покреативно затоа што можам да ја почувствувам идејата на композиторот и можам да најдам креативни релации кои ќе овозможат надополнување и испреплетување на душите на текстот и музиката во едно дело. Често разговарам со композиторот или со интерпретаторот, така работиме најчесто со мојот пријател Сефедин Бајрамов и ги наоѓаме поентите кои се најбитни и пораката што сакаме да ја испратиме. Имам пишувано песни на маса со другарите, на салфети кај Бомбата, на улица, дома, со еден збор секаде. Најбитна е искрата, оганот ќе се разгори од неа.
Во „Ратка Маџунка“ донекаде пее за баба му и дедо ми
„Ратка Маџунарка“ – се задомаќини толку многу што не може да се одржи слава без таа да се испее. Дали текстот е инспириран од вистинска приказна ?
Песната „Немој Ратке“ или „Ратка маџунка“, како што ја нарекуваат во последно време за која што музиката ја напиша Миодраг Неќак, е дел од проектот „Еден ден во Битола“ кој се реализира во продукција на Видео Мозаик и ТВ Орбис, со подршка на Општина Битола. Во рамките на тој проект се создадоа поголем број на песни во кои што се отсликува битолската традиција, менталитет и карактер. Многу ми е мило тоа што песната веќе се обнародува и битолчани ја прифаќаат и ја пеат по разни поводи. Инаку во песната има дел реалност, а дел е креативна разработка на темата. Реалноста е љубовта помеѓу баба ми Ратка која правеше прекрасен маџун и слатко и дедо ми Ванѓел од Генимале кој не можеше да замисли Ратка „зборот да го врати“.
Очигледно е дека Битола е важна во твојата инспирација ?
Секој автор, секое творештво минува низ различни фази, инспирации и периоди. За мене постои една константна тема која што од почетокот на моето творештво е присутна и со текот на годините се зголемува и доминира. Тоа е Битола. Во Битола сум роден, во Битола пораснав, оформив фамилија, живеам, битолските приказни се мои приказни, битолскиот менталитет е дел од мене, битолските обичаи, песни и традиции живеат и растат во мене, така да Битола и битолчани се мојата вечна тема. Мислам дека имам напишано околу педесеттина песни во кои се споменува Битола или се инспирирани од Битола и се радувам кога ќе чујам дека се прифатени од пошироката јавност. Незнам зошто, незнам како, но во Битола песната си е како дома, како гулаб што си седи во гнездото, на моменти ќе се разлета да го види светот, да се поигра со сонцето, високо во небото, со ветрот и ќе се врати. Песната е битолски гулаб....нека лета..
Од „Жаклина“ до „Две лири“
Од „Жаклина“ до „Две лири“ имаш испишано цел репертоар на песни. „Две лири“ има над 6,5 милиони прегледи на јутјуб, како настанаа овие две песни, што беше пресудно ?
Кога некој во иднина ќе ја пишува музичката историја на авторската песна сигурен сум дека особено интересно поглавје ќе биди периодот кон крајот на осумдесеттите и почетокот на девесеттите години од минатиот век, особено за Битола. Тоа е период на осамостојување на нашата држава, појава на нови интерпретатори, автори, песни и продукции. Во таков еден период кога публиката беше на некој начин гладна за различни жанрови и нови песни настана и текстот за песната „Жаклина“ која ја интерпретираше Цане Николовски и членовите на групата „Елита“. Во тоа време немаше јутјуб, ни социјални мрежи, ни многу телевизски канали како сега, но особено беа активни и слушани радиостаниците. Таа песна беше прогласена за песна на годината од Ревијата Екран мислам во 1990 или во 1991 година.
„Две лири“ е сублимат на традиционалното и модерното, а тоа се покажа како успешен спој.
„Две лири“, која произлезе во соработка со Николче Мицевски како автор на музика и аранжман, а во интерпретација на прекрасната Каролина Гочева, е создадена во друго време, во други околности, со друг концепт и целни групи. „Две лири“ покажа дека во денешно време можат да се обединат различни вкусови, публика од различна возраст и социјална структура. Тоа е моја најслушана песна со околу 6,5 милиони прегледи на youtube и огромен број на телевизиски и радио емитувања. Таа песна како спој помеѓу традиционалното и современото отвора нови креативни хоризонти и погледи како и можности за творештво.
Супер бабичка, Визба стара и гитара, Белчо Црниот се негови песни
Знам дека тешко е да се избројат сите, но дали располагате со некаква евиденција, колку песни сте напишале?
Имам напишано и објавено преку 300 текстови кои се снимени на носач на звук односно на лонг плеј плочи, аудио касети и на дискови со различни соработници и интерпретатори. Не сум правел анализа колку од нив се од кој жанр, но сигурно повеќе од една третина од нив се текстови за детски песни. Така да, многу мои песни се интерпретирани на детските фестивали: „Сидо“, „Златно славејче“, „Конзули“, „Тралала“, „Мегабит“ и други. Кога сме кај детската популарна песна особено ми е мило што со околу триесеттина текстови во соработка со Миодраг Неќак како автор на музика учествував во познатата телевизиска серија за деца „Здраво генијалци“ во продукција на Панде Димитровски и МРТВ, а во последно време односно во минатата година вредно за напомена е моето авторско учество со дваесет текстови во соработка со Николче Мицевски како автор на музика во телевизиската серија за деца „Дајте музика“ која исто така се емитуваше на МРТВ.
Кога сме кај детската песна, ги напишавте бесмртните детски хитови „Супер бабичка“, „Белчо Црниот“, „Визба стара и гитара“ и други, како настанаа текстовите?
И колку сериозно да изгледаме, сепак, во секој од нас се крие по едно мало дете со свои соништа, желби, спомени... Тоа мало дете понекогаш излегува од мене и ми раскажува приказни од некој свој реален или имагинарен свет во кој што се дружат радоста, тагата, другарството и љубовта... А еднаш кога ќе се охрабриш да го слушаш потоа само запишуваш и песната е тука. Така произлегоа „Метро и жилет“, „Супер бабичка“, „Ако“, Визба стара и гитара“, „Белчо црниот“, „Тетка Деса стјуардеса“ и многу други...
Ж.Здравковска