АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во фабриката за автомобиски кабли „ Кромберг и Шуберт“ кој е најголем приватен работодавач во Битолско oд денес со работа делумно започна и втората смена. Со ова на работа се вратени 2000 вработени.
„Во време кога ситуацијата во државата, па и во целиот свет е сѐ уште сериозна и неизвесна и бара сите заеднички да придонесеме за изнаоѓање начини како истата да се преброди со најмалку негативни последици, првенствено за здравјето на луѓето а потоа и за економијата, ве известуваме дека од денес делумно почнува со работа и втората смена на проектите за Мерцедес, за кои извезуваме во Шпанија и во Германија. Со ова се вратени на работа вкупно околу 2000 вработени“, стои во соопштението од „Кромберг и Шуберт“.
На 27 април повторно започна производствениот процес после месец и половина комплетен застој, делумно, со една смена на овие два проекти за компанијата „Мерцедес“. Првите 1000 луѓе започнаа на работа и сукцесивно, како што ќе се зголемува обемот на работа и нарачките од клиентите, ќе ги интегрираат и останатите смени и проекти.
Инаку, „Кромберг и Шуберт“ работи на три проекти, два за „Мерцедес“ и еден за „Ауди“. Во нормални услови и обем на работа, сите три проекти се работат во три смени со вкупно околу 5600 вработени. Во моментов вратени се на работа само две смени од проектите за „Мерцедес“.
„Во моментов имаме најава дека за нашиот трет проект за ‘Ауди’ ќе започнеме да добиваме нарачки некаде кон крајот на мај, кога ќе започнат на работа и вработените распоредени во овие работни области. Според моменталните расположливите информации, очекуваме дека до крајот на месец мај ќе работиме со некаде 70% од целокупниот капацитет, со надеж дека пред крајот на јуни ќе успееме да ги рестартираме сите три смени, на сите три проекти“, соопштија од компанијата.
Во соработка со Центарот за јавно здравје Битола и Државниот инспекторат за труд превземени се сите мерки потребни за заштита на здравјето на вработените, од моментот на пристигнување на автобуските постојки, превозот од дома до работа, пристигнување во објектот, во текот на целото работно време, користење на паузите и патот од фабриката до дома.
„Информираме дека како многу други компании, така и ние неизбежно сме афектирани од генералната ситуација во која се наоѓа автомобиската индустрија (намалена продажба на возила на Европскиот пазар) и дополнително ситуацијата со коронавирусот. Нашата работа е тесно поврзана и зависи од обемот на работа на нашите клиенти во Шпанија и Германија. Кога тие имаат работа, работиме и ние. Ја следиме ситуацијата и ќе превземаме мерки кои ќе бидат соодветни на тековната ситуација и во прилог на мнозинството наши вработени, со цел да задржиме најголем број работни места и да обезбедиме стабилност на компанијата“, посочуваат од „Кромберг и Шуберт“.