АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
"Труд и постојанство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива" - Гоце Делчев
На денешен ден по грегоријански календар или на 21 април по стариот јулијански календар кој на овие простори беше во употреба до 1918 година, во 1903 година загина еден човек. Човек со обло лице, големи костенливи мустаќи, со бистри констенливи очи, а со среден кон низок раст. Човек по име Гоце Делчев. Револуционер, идеолог, човек кој животот го даде за каузата Автономија на Македонија, платформа која служеше како чекор пред извојување на потполна независност. Ликот и делото на Делчев, се секогаш присутни теми, но за жал општата публика многу малку или воопшто не го познава Гоце како човек. Во овој текст ќе отсуствуваат податоци за акции, борби и нивни хронологии. Текстов нека послужи за едно воведно запознавање со неговата личност, бидејќи како ќе го познаеме делото ако не го запознаеме човекот.
Детство
Гоце Делчев роден е во Кукуш на 04.02.1872 година, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Семејството за за тоа време било прилично имотно па така Гоце израснал во пристојни економски услови опкружен со своите сестри и браќа. Уште како дете имал немирен карактер, сакал да игра со сите деца. Како дете до 3 годишна возраст бил особено болежлив, а потоа според кажувањата на Лика Чопова воопшто не се разболел. Бил мнoгу приврзан со својата мајка, која од него сакала да направи „цар над царевите“ и многу го разгалила. Во домот на Делчеви секогаш доаѓале луѓе на кои им била потребна помош, па така Гоце уште од мали нозе развил чуство за милозливост, праведност и чесност. Живеел во многудетно семејство кое броело 11 души. Омилена игра од детството на Гоце му била каваците, игра за која бил вистински мајстор.
Прогимназиските денови
Во учебната 1879/80 Гоце го започнал своето образование во унијатската прогимназија во Кукуш. Подоцна се префрл во егзариската прогимназија, каде до израз добива неговиот буен карактер и интелект. Додека бил во прогимназијата заедно со учениците се договориле да направат некаква завера против учителот, но некој од соучениците ги издал кај наставникот па така „акцијата “ пропаднала. Гоце решен да го казни предавникот, се степал и го пробол со кама во грбот. Ваквото акција не останала неказнета а Никола Делчев морал да ги сноси трошоците за лекувањето на казнетиот предавник. Неговата сестра Руша Делчева, соопштува дека Гоце од мал си играл со ками и пиштоли а другарувал со сите деца.
Еднаш неговата мајка му забележала, за тоа дека си игра со Турци и Роми, а тој и одговорил: „Ако мајко па и тие се луѓе“. Како ученик сакал да многу да чита, еден од омилените романи му бил „Капетановата ќерка“ од Пушкин кој безмалку го знаел и наизуст. Во време кога книгите слабо циркулирале, читал се што неговиот повозрасен пријател, Поне Икицулев ќе најдел на масите во становите на неговите учители. Често го посетувал и Христо Бучков кој за тоа време бил особено учен човек, па на Гоце му расправал разни истории за разни земји. Време за игра одвојувал само тогаш кога не учел или не помагал околу крчмата на татко му. Прогимназијата ја завршил во 1886 година како еден од најдобрите ученици.
Гимназиски денови
По завруваето на прогимназијата, Гоце сакал да го продолжи образованието во Солунската гимназија. Неговиот татко, пак, на почетокот бил против оваа негова желба и сакал неговиот син да го наследи во неговиот занает. По низа настани Никола се премислил и Гоце во 1888 година стапува во прв клас гимназија. Пансионот на гимназијата го чинел 7 и пол турски лири. Во гимназиските денови, Гоце се внел во читањето и диксусиите. Читал сѐ што имало во богата библиотека на гимназијата а додатно порачувал книги од Русија. Првата учебна година ја завршил со особен успех, поради што како награда за успехот од валијата ги добил делата на Пушкин. Во гимназијата имал особено богат фонд на часови: француски јазик, грчки јазик, турски јазик, математика, зоологија, ботаника, минерологија, географија, литература, катихизис, богослужение, природна историја, бугарска црковна историја, општа историја, психологија, антропологија, латински јазик. Кабинетите биле пак добро уредени со нагледни средства, особено од областа на природно математичките предмети.
Останува забележана епизодата кога Гоце во 1889 година на роденденот на султанот Абдул Хамид кога било обичај да се пее химната на султанот и да се вика Јашаа- да живее, Гоце извикал Ашаа- долу и со тоа предизвикал скандал. Низ рацете на Гоце минале и доста книги со социјалистчка, анархистичка содржина која тогаш била особено модерна, а како што еден од неговоите современици забележал „името на Димитар Благоев ечело низ пансионот“. Тука Гоце формирал и литературни кружоци во кои заедно со своите истомисленици, ги анализирале италијанските, француските, руските и други автори.
Јункерски денови
Неговата „вжештена глава“ не била соодветна за гиммазијата па така и сам решава во 1891 година да се префрли во Софиското воено училиште со цел да се стекни со воени вештини и што побрзо да се вклучи во борбата за ослободување на Македонија. Военото училиште тогаш имало еден началник, 10 наставници и 450 ученици. Гоце во овој период особено се посветил на читање на делата на Маркс, Енгелс, Хегел, Кауцки, Доброљубов, Херцен. Владимир Коцев негов соученик соопштува дека и сам подоцна си го обезбедувал весникот „Социјалист“ и друга социјалистичка книжнина. Многупати поради неговиот буен карактер, бил затваран, па така и пред крајот на школувањето, поради социјалистичката литертура пронајдена кај него бил казнет со недобивање во офицерски чин.
Сеедно Гоце, според сведоштвата на современиците се каел и се разочарал поради изборот на воената кариера, која била претесна и премногу униформна за личност како неговата. Неговиот политички интерес не останал незабележан од останатите па така Иван Хаџи Никол уште во 1893 година ќе го повика Гоце да учествува во создвањето на МРО но Гоце ќе одговори дека сака прво да го заврши училиштетото, па потоа да се вклучи во организацијата. Набрзо во 1894 година Гоце ќе биде исфрлен од училиштето, со свршен офицерски курс, но со наредба никогаш да не биде одликуван во офицерски чин.
Даскал и револуционер
Со нецели 22 години Гоце во 1984 година со Солун се среќава со штотуку формирната МРО, се здружува со Дамјан Груев и решаваат заедно да учителствуваат во Македонија и да ја шират идејата. Груев за Гоце ќе каже дека уште од почетокот му отавил впечаток неговиот искрен карактерт и чесност. За време на учителстувањето, кај учениците Гоце бил пример за тоа како еден учител треба да изгледа. Непосреден, со ведар дух, од учениците често барал да му раскажуват приказни и преданија за нивните предци. Предавал француски јазик, бугарски јазик, алгебра и редица други предмети, бидејќи тогаш не било востановено правилото еден учител да предава само еден предмет.
Напоредно со учителската работа неуморно агитирал по разни седенки, приватни средби, односно секаде каде ќе стигнел. Уредувал канали за оружје, патувајќи низ разни околии, зиме и лете. Така според Груев ја „ја спечалил стомачната болест која го мачела до гроба“. Гоце се до смртта страдал од хронична стомачна болест, поради која како што и сам велел „му пречела во работата и го терала да се срами пред жените“. Болеста се одликувала со силни и изненадни болки, при што често паѓал на земја и се виткал, болест која му дала бројни непреспани ноќи и гладни дни. Водел особено лош стил на живот, често во беспарица, како што и сам во своите писма вели: „шворцот најтешката болест“.
Бил интезивен пушач, а пушел со чибук на кој бил изгравиран натпис „Кукуш“. Пиел тешко кафе, односно дупло кафе, а имал и определени кулинарски вештини. Меѓу другите јадења, знаел понекогаш да направи „пита со месо како што ја правела мајка му“. Ретко кога безцелно шетал низ градот, повеќе сакал да седи дома и да чита и не излегувал надвор без за тоа да има некоја потреба. Бил сјаен организатор на акции, но поради неговата болест бил особено лош во практиката. При една таква акција, киднапирањето на Назлам бег, Гоце измачуван од болките заспал, а бегот успеал да се одврзе и избега од логорот со што акцијата пропаднала.
Сепак, ова не треба да значи дека неговата организаторска улога во пренесувањето на оружје, планирањето на напади, изостанувале од успеси. Од друга страна треба да се има во предвид дека борбените акции, не се романтични сцени од историските книги па така, тука има и суровост и крв и успех и неуспех.
Неговиот мек карактер, кој пред се гледал да корегира, а не да казнува, се согледува и во еден особено интересен пример. По Виничката афера 1897 година, населението од тој крај се нашло во ужасна положба. Особено бил прочуен „виничкиот шпион“ Ѓорѓи Јованчев како што го ословува Христо Настев. Гоце со цел да го одврати од таа штетна навика му ја испратил со посвета штотуку излезената книга „ Шпионот“ од Фенимор Купер со сиже од ослободителната војна во САД. Токму преку овие постапки се гледа, онаа даскалска одлика на Гоце кој што секогаш прво се обидувал да корегира определено однесување, а казната ја оставал секогаш за крај, кога друго решение не било можно. Со тоа Гоце станал „Војвода над Војводите“ и „душата на револуционерна Македонија“
Во погледите на Гоце било особено важно робот да стане свесен за својата положба, па дури тогаш да тргни во борба за своето ослободување. Потребата за свесност кај населенисето за неговата положба Гоце подеднакво ја истакнувал исто како и максимата дека македонското ослободително дело треба да биде внатрешна работа, неизвалкана од страна. Како што запишале неговите современици, кога Гоце агитирал, тој не се трудел да го наметне својот став, не ги смислувал говорите, туку застанувал и „ја исповедал својата душа пред народот“.
За потребата на борбата, Гоце многу вешто се маскирал па така станувал, сиромашен човек, даскал, ќумурџија, а и одбивал да се фотографира. Поради тоа го добил надимакот „Канатли шејтан“ (Летачки ѓавол) од страна на османлиските власти. Во тоа време пасошите и личните карти биле без фотографија, па така фотографиите биле особено опасни доколку фотографот попаднел во рацете на аскерот и ги предал сликите на властите. Климент Шапкарев радосно пишува за неговата среќа кога го сретнал пред Хотел „Батемберг“, каде Гоце секогаш престојувал во соба број 9 и кога конечно го убедил да се фотографираат за спомен во Софија. При оваа фотографска сесија настанал и потретот на Гоце од 1903 година, од кој една копија и пратил и на Јанка, неговата љубена. Јанка односо Јустинијана Каневчева од Охрид била љубовница на Делчев, која по неговата смрт се омажила со Михаил Геџиков, пријател на Делчев. Секогаш внимателен, неуморлив, посветен на борбата, ете таков бил Гоцевиот лик.
Смртта или преминот во вечноста
Делчев умира на денешен ден 1903 година во Баница. Според изворите, се повеќе е јасно дека не станало збор за никакво предавство туку дека откривањето на Делчев било случајно. Дилемата за предавство или случајност, уште тогаш било разгледано од страна на Организацијата. Била спроведена опсежна истрага по ицијатива на Хрвлев, на кој се натоварил товарот, дека тој е предавникот. Со истрагата раководел „мајсторот за шпионите“ Таската Серски, кој дошол до истиот факт дека откривањето и убиството станало по случаен пат. Ова додатно се потврдува и со фактот дека неколку дена Османлиските власти не го знаеле идентитет на убиениот Делчев, факт кој лесно се согледува од османлиските телеграми. Гоце заминал во вечноста и легендите. Станал мит, пример, наратив за секој иден борец за слобода.
„ ...Кој што само еднаш го беше видел, веќе не можеше да го заборави. Загина тој. Но тој живее. Пред нас врви неговиот светол лик и ни го осветлува патот кон слободата. Неговиот бесмртен лик е најсовршен израз на духот и подвизите на народот, што се бори за еден слободен живот ...“- Пеју Јаворов
Васко Гичевски студент на Институт за историја при Филозофски факултет, УКИМ, Скопје
*Текстот е изработен врз база на архивската граѓа приложена во шестомната монографија на Христо Андонов Полјански „Гоце Делчев“, Култура, Скопје 1972 , том: II, III, IV, и книгата од Александар Стојановски „Турски документи за убиството на Гоце Делчев“ Архив на Македонија, Скопје 1992 година.