АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола се соочи со ново финансиско оптоварување наследено од претходната локална власт предводена од екс градоначалникот Владимир Талески. Таа треба да плати 300 000 евра за судски спор што бил покренат во 2016 година во врска со реновирањето на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола што заврши уште пред шест години.
Градоначалничката Наташа Петровска на денешната прес конференција обвини дека за реализацијата на прокетот биле платени многу повеќе средства од сумата во договорот, а сепак дополнително од изведувачот била доставена фактура, а потоа и тужба за Општината да плати уште пари за вишок работи што фирмата ги спровела.
„Договорот за реконструкција на Домот бил случен на 23.12. 2011 година, со вкупна вредност од 850 549 евра. Сумата е без ДДВ , што стои во договорот, бидејќи парите потекнуваат од фондовите на ЕУ кои се ослободени од ДДВ. Од фактурите кои се достапни, фактурирана што значи извршена работа била за 616 338 евра без ДДВ. Но, исплатени биле вкупно 955 616 евра од Министерството за локална самоуправа и Општина Битола или повеќе за 339 277 евра“, рече Петровска.
Според овие суми, од Општината се сомневаат дека во износите бил пресметан и ДДВ иако тоа не е дозволено кога е европска донација.
По ова, иведувачот дополнително доставил фактура до Општината во 2016 година барајќи уште 187 417 евра. Бидејќи не им биле исплатени,уште топгаш поднел тужба, а Аплеациониот суд сега донесе одлука, па од општинската каса треба да се платат со камати 300 000 евра.
„Зошто се плаќани фактури со ДДВ? Зошто исплатените средства по пат на цесија од страна на Општината не се поткрепени со фактура или доставена градежна ситуација? Нерегулираните односи меѓу Министерството за локална самоуправа и Општина Битола од тој период носи како последица Општината да треба да плати нови 300 000 евра за стари подмирени обврски“, рече Петровска.
Општината ќе бара ревизија на постапката до Врховен суд, но тоа не го одлага плаќањето на парите. Петровска ги повика надлежните институции да го испитаат случајот.