АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Блиц интервју со Тодор Ивановски, кандидат за пратеник на Македонски концепт во петтата изборна единица. Ивановски по професија е дипломиран менаџер по туризам, а 27 години е професионално активен како организатор во културата со преку 2500 културни настани, 150 фестивали, автор на неколку фестивали, обучувач за културен туризам, независна културна сцена и културно наследство.
Апла-Кажете ни на кратко за Вашето битолско потекло, имате ли предци кои придонеле за Битола?
Ивановски-Потекнувам од битолско семејство кое тука е повеќе од 200 до 300 години. Мојот дедо Тодор бил дуќанџија во старата битолска чаршија каде што јас помагав како дете и од таму ги стекнав навиките за приватен бизнис и тргување, но ја засакав и старата битолска чаршија. Мојот прадедо кој се викал Тодор, а дошол од Воден, исто бил трговец, но прерано го загубил животот од тие бурни времиња. Моето семејно потекло има богата историја. Имав прабаба од Валона, Албанија, која морала поради војните да зимине и во Каиро, Египет, па оттаму да дојде во Битола и да се омажи и да ја продолжи лозата. Имаме семејна приказна дека еден од вујковците на баба ми во времето на глад и војни бил даден како дете на караваните кои поминувале тука и завршил во Египет каде основал семејство и работел на дворот на владетелот, а неговиот син останал како евнух да ја служи принцезата. Големото наследство што го имал кога починал дошле емисари од Египет да го поделат со неговите роднини. Но, се случило тогаш Тито и Нехру да ги простат меѓусебно договорите и така нашето семејство да извиси.
Апла -Што Ви го исполнува слободното време?
Ивановски-Слободно време кое го имам се помалку, пред се е ориентирано кон семејството и свирење гитара за своја душа. Порано бев музичар, член на групата „Контрацепција“, една од најпознатите не само битолски, туку и македонски групи од осумдесетите години, бевме едни од најекспонираните кои свиреа авторска музика и ангажиран панк –рок. Ама и пишување, читање православна литература и филозофија, тоа се моите моменти во слободно време.
(Ивановски е споруг и татко на две малолетни деца)
Апла-На кои мигови од животот честот се навраќате?
Ивановски-Најмногу ги паметам убавите мигови, на дружење, на среќа. Никогаш нема да ги заборавам драмските аматерски игри кои ги организиравме преку Центар за култура, информации или Културно-просветна задница каде од 1995 до 2001 година излегоа речиси сите денешни актери, режисери, драматурзи во Битола. Деновите со театарски работилници, па „Млада Хераклеја“, прекрасни моменти кои ги паметам зашто сум се дал комплетно во тоа.
Апла-Што беше пресудно да ја изберите оваа професија?
Ивановски-Мислам дека ја промашив професијата. Околу 12 матуранти од мојот клас од Гимназијата, заминавме на туризам во Охрид мислејќи дека ќе учиме менаџмент. Но, разочарувањето беше големо. Сепак, животот е многу чуден, па 1993-94 година почнав да работам во културно-просветната заедница како организатор на настани. Претходно бев првиот менаџер на групата „Паркети“ и им го организирав и првиот концерт, потоа работев во медиуми. Но, очигледно пресудно беше влијанието на мојот татко, кој беше дел од културата , а јас бев музичар кој се трудеше секогаш да донесе промени, нови моменти, не поднесував лажни авторитети и статус кво состојби. Културата ми беше начин на живот, на состојби, размислување, социјо-културни настани и тука мислам дека најамногу се реализирав.
(Фотографија од младоста)
Апла- Настан кој ви паднал тешко?
Ивановски-Тоа се интимни моменти кога човек ќе си згреши себеси и ќе им згреши на другите. Тие промашувања ги правам ненамерно, но секогаш се каам. Имам висок степен на самокритика и совест што ме воделе низ животот. Секогаш тешко ми паѓа ако некој сум го навредил, па внимавам на луѓето.
Апла-Кое е мотото на Вашиот живот?
Ивановски-Имам напишано на фејсбук едно мото „Подобро будала отколку пакосен“! Па, верувај во духот, во добрите работи, носи го крстот свој.
Апла-Имате ли хоби? Како ги полните батериите?
Ивановски-Во семејството и на литургија во црквата Пресвета Богородица во нашиот град.
Апла-Која книга ви е омилена и зошто?
Ивановски-Ги има многу, но ќе издвојам една од многу одамна, уште од раните тинејџерски години „Нарцис и златоусти“ од Хесе која зборува за човечките природи. Паралелно би ја ставил и книгата „Писмо до мојот пријател Лукрециј“ од Сенека. Ремек дело со силен духовен набој и енергија, која навистина ме освои.
Апла-Дали доколку станете пратеник би заминале од Битола?
Ивановски- Боже сачувај, јас сум закоравен битолачанец и Македонец кој бескрајно се радува и страда со својот народ.