АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За три четвртини намален е протокот на грчки државјани на граничниот премин Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница поради корона кризата. Службите на граничниот премин посочуваат дека пред појавата на заразата доаѓале дневно до 2000 посетители од Грција, а сега околку 500. Рампата на границата од македонска страна е подигната уште од 26 јуни, но дневно минуваат околу сто и педесет возила со грчки регистарски таблички.
„Страв им е на луѓето поради коронавирусот. Но, доаѓаат за нафта и друго гориво. Нѐ пуштаат на грчка граница, немаме проблем. Никој ништо не вели. Зеленчук можеме да внесеме, но месо и млечни производи не оставаат. Сепак, народот се плаши да доаѓа како порано“, вели Костас Котопулус од Лерин.
Грчките државјани од северните делови на Грција пред појавата на коронавирусот масовно доаѓаа на пазарување во Битола. Тука се облекува, правеа фризури, поправаа заби, посетуваа казина и ресторани. Сега најчесо можат да се сретнат по бензиските пумпи каде ги полнат возилата со гориво зашто им е поевтино и по некој посетител може да се затекне по бутиците.
„Бројката е намалена поради постоење на страв кај тие муштерии и не се чести посетители само поради стравот. Муштериите велат дека кај нив имало информации дека има премногу заболени тука и им било страв да доаѓат“, вели битолчанецот Сашо Видановски.
Намалениот проток бележи благ пораст за време на пазарните денови во Битола, вторник и петок..
„Протокот на патници и возла е во намален обем. Во изминатите години често доаѓаа, до 2000 патници дневно, сега таа бројка е намалена и имаме околу 500 кои доаѓаат од Грција во Република Северна Македонија за задоволување на нивите поптреби. Кризата со ковид-19 придонесе кај тамошното население да има загриженост и исплашеност од состојбите“, рече Киро Крстевски, помошник командир на полициската станица за граничен премин Меџитлија.
Грчката граница и натаму останува затворена за македонските државјани.