2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

РАБОТНИЦИ БАРААТ ПЛАТИ ОД „ТРАНСМЕТ“, ПА НА ФИРМАТА И ГИ БЛОКИРАА МАШИНИТЕ ВО РЕК

Јануари 18, 2018

Работници барајќи си ги заостанатите плати од фирмата „Трансмет“, чиј поранешен газда беше бизнисменот Сеад Кочан, четврти ден штрајкуваат во РЕК „Битола“. Фирмата им должи од една до три плати, а револтот одлучија да го изразат преку блокада на механизацијата што „Трансмет“ ја има во рудникот Брод Гнеотино за ископ на јаглен и јаловина.

 

Работниците велат дека не го блокираат РЕК, туку само механизацијата на фирмата, иако во овој рудник нема друга фирма што работи на ископ.  Запрашани зошто одлучиле револтот да го изразат во РЕК, а не пред седиштето на фирмата велат дека ова е најболното место за „Трансмет“ зашто од тука  зема пари за склучениот тендер.

„Моментално се блокирани багерите на ‘Трансмет’ за ископ на јаловина и јаглен. Нема да има ископ додека не ни префрлат плати“, рече Иванчо Здравевски.

„Вработен сум во ‘Трансмет’ од ноември и не знам ни дали сум осигуран, ни дали придонеси се платени. За последните пари што ни ги дадоа од фирмата ни рекоа дека е плата, а од банка дека е теренски додаток. За оние кои имаа плус саати одработени им даваат плик на рака. Ги повикуваме институциите да испитаат како се работи и да преземат мерки, да го заштитат работникот еднаш барем“, рече револтирано работникот Љубе Талевски.

Вработените се пожалија дека од „Трансмет“ им било кажано ако не сакаат да работат, на нивно место ќе донесат работници од други градови.

„Има најава дека денес божем ќе легнеле пари на сметка и ќе не исплател и дека ќе бидеме отпуштени од работа. Ќе земел работници од Кичево, Скопје, Куманово, ќе работеле тука, за два-три месеци немало да му бараат пари. Ете ги, тука од Кичево и Скопје , чекаат во комбето“, рече работникот Васко Петковски.

Од ЕЛЕМ велат дека штрајкот на вработените во „Трансмет“ во моментот не влијае врз производствениот процес во РЕК „Битола“, бидејќи комбинатот има залихи на јаглен. Сепак, доколку во следниот период оваа ситуација продолжи, тоа ќе има негативно влијание врз производството на електрична енергија. Вчера и денес се одржуваат состаноци меѓу раководството на ЕЛЕМ, РЕК и „Трансмет“ за разрешување на настанатиот проблем.

Од компанијата „Трансмет“ телефонски ни рекоа дека надлежните се на состанок, па на обвинувањата ќе одговорот во текот на денот. Поранешниот сопственик на „Транс Мет“ Сеад Кочан, е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.

За ископот на јаловина и јаглен можеше да се слушне и во разговорот помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ Владо Чинговски, во 14. бомба на тогашната опозиција.

Во разговорот, Груевски му кажуваше на Чинговски дека се сретнал со „кратовчанецот, од Кратово“ и со тој „што има кола Сеат Ибица, знаеш? Сеат, Сеат Ибица“ и го советуваше директорот на ЕЛЕМ „да ја организира работата и да се сите задоволни“.

„Да, ама тешко е. На тоа место таму не е ископ на јаловина, него е јаглен испорака. И таму не можат две различни да бидат, мора една да биде конзорциум некој поздрав. Јас разговорав со Горан му објаснив сето тоа, и затоа му дадов некое решение да се вклучи со некого, да направи еден подобар така тим. И тој ми вика да ми помогниш. Јас зборев со пријателот на тој од Берово. Он вика, а бе како да го тргнам сега него да се вклучам со овој? Му викам ти ако сакаш да добиеш работа, ти кажувам како да добиеш, многу едноставно“, му одговара Чинговски на Груевски во разговорот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани