АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Косото плато под службениот влез на Центарот за култура и Малата сала во Битола ќе стане летно кино, соопштија од Центарот. Филмските проекции ќе бидат реализирани по здравствените протоколи, меѓу кои на посетителите ќе им биде мерена телесна температура, а задолжителна ќе биде дезинфекцијата на раце и носењето на маски. Проекциите започнуваат вечерва со почеток во 20:30 часот со комедијата „Добредојдовте во Германија“, а се најавуваат и други комедии кои ќе ја насмевнат публиката во време на пандемија со ковид-19. „Битола не смее да остане без кино, дури и во време на ковид кризата. Капацитетот ќе биде ограничен на околу 50 посетители, а цената на влезниците ќе биде по од 100 денари. Билетите за проекциите ќе се продаваат пред почетокот, на принципот прв дојден, прв услужен“, соопштија од Центраот. Проекциите ќе започнуваат во 20:30 часот. Во репертоарот ќе бидат вклучени наградувани европски филмови од познати режисери, комедии кои на публиката ќе им овозможат пријатно расположение и мала пауза од секојдневието, како и филмови за најмладата публика. Реализацијата на проекциите ќе зависи од временските услови, а репертоарот ќе се објавува на неделно ниво, при што секој ден ќе се прикажува нов филм. Во среда на 19 август ќе се прикажува оскаровецот „Паразит“, а во четврток уште една комедија „Брит Мари беше тука“, филм кој е снимен по истоимената бестселер книга. Проекциите ќе бидат во работни денови и ќе траат се додека има поволни временски услови за реализација.